Министерството за култура реагира на прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ за прекинот на проектот за реконструкција на Центарот за култура „Глигор Прличев“ Охрид

Министерството за култура во вторникот „остро реагира“ на „изнесените невистини“ од страна на пратеникот Крсте Јовановски и ВМРО–ДПМНЕ на прес-конференцијата на понеделникот, дека министерот Роберт Алаѓозовски ги прекинал и ги поништил постапките за реализација на проектот за реконструкција, надградба и за осовременување на Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, при што пратеникот Јовановски тврди дека веќе бил обезбеден буџет, дека било избрано идејно решение и фирма проектант за изработка на потребната проектна документација, по што би се започнало со градежните активности за реконструкцијата на објектот.

„Имено, лага е дека за овој објект бил обезбеден буџет и дека била завршена постапката за избор на проектант. Всушност, токму за тоа идејно решение бил распишан тендер за избор на проектант, а поради промени во буџетот, односно несоодветно испланирани финансии за реализација, врз основа на член 169 став 1 алинеја 5 од Законот за јавни набавки, министерот за култура одлучи да ја поништи оваа постапка. Од изнесените наводи, точно е само тоа дека досега било избрано само идејното решение за новиот изглед на Центарот за култура“, тврдат од Министерството за култура.

Од Министерството велат дека веќе започнале со анализа на документацијата за проектот, по што ќе следувал избор на проектант преку јавен тендер, подготовка на проектната документација, постапка за избор на изведувач, како и сите понатамошни процедури во согласност со закон. Министерството за култура ја уверува јавноста дека реконструкцијата на Центарот за култура „Григор Прличев“ нема да запре.

„Напротив, охриѓани ќе добијат модерен објект, достоен за овој град, а не уште една градба, со која би се нарушила архитектноската хармонија на Охрид и статусот на заштитен град од страна на УНЕСКО, и би продолжила праксата на недомаќинско, нетранспарентно, коруптивно и криминално трошење на парите на граѓаните. Охрид е град со пребогата историја, кој заслужува центар за култура што ќе се вклопи во неговата преубава и светски позната архитектура, а не уште едно скапо, грдо и нефункционално здание, со кое безмилосно ќе се трошат и злоупотребуваат буџетските средства“, се вели во реакцијата.