
Во Собранието на Република Македонија денеска на седница на Комисијата за европски прашања ќе се расправа за реформскиот план 3-6-9 на Владата на Република Македонија.
Планот 3-6-9 ги означува мерките и активностите што треба да се спроведат во наредните три, шест, девет месеци за придвижување на евроинтегративниот процес.
Во овој План се опфатени реформите кои Владата ќе ги спроведува во претстојниот период од 3 месеци односно до одржувањето на локалните избори, а во меѓувреме паралелно се работи и на допрецизирање на мерките кои треба да се реализираат во наредните 6 и 9 месеци.
Во Собранието седници ќе одржат и комисиите за прашања на изборите и именувањата, за здравство, за транспорт, врски и екологија и Законодавно-правната комисија.
На дневен ред на Законодавно-правната комисија е Предлог – закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик во прво читање, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за извршување во прво читање поднесен од опозицијата, Предлог на закон за изменување на Законот за јавното обвинителство, Предлог на Закон за докторска дејност, Предлог-закон за изменување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Предлог на закон за дополнување на Законот за исплата на платите во Република Македонија во прво читање поднесени од пратеници од опозицијата.
Комисијата за прашања на изборите и именувањата ќе расправа по утврдување на предлог-одлуките за именување на функцијата заменици на генералниот секретар на Собранието на Република Македонија, Предлог-одлуката за избор на членови на Комитетот за односи меѓу заедниците, Предлог-одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието на Република Македонија, како и Предлог-одлуката за именување на претседател, потпретседател, членови и заменици – членови на Националниот совет за евроинтеграции.
На дневен ред се и повеќе предлог – одлуки за избор на шеф, членови и заменици членови на делегации во повеќе меѓународни институции и организации.
Комисијата за здравство ќе расправа по Предлогот на Закон за докторска дејност во прво читање, поднесен од Зоран Ѓорѓиевски, Сашо Василевски, Дафина Јованоска Стојаноска, Ванковер Манчев, Весна Пемова, Љубен Арнаудов.
На седницата на Комисијата за транспорт, врски и екологија на дневен ред е Предлог-законот за изменување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во прво читање поднесен од Антонијо Милошоски, Илија Димовски, Љубен Арнаудов, Крсто Мукоски, Драган Данев, Љупчо Димовски, Јусуф Хасани, Лилјана Затуроска, Крсто Јовановски.