Одлуките на Апелациониот суд, со кои не се вратија патните исправи на лицата кои се политички гонети од Специјалното јавно обвинителство, се конформистички и не кореспондираат со реалноста, истакна во вторникот пред споменатиот суд, Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Одлуките се донесени повеќе како компромис. За да не изгледа дека судот ги отфрлил само апсурдните барања на СЈО за притвори и поригорозни мерки, истиот ги отфрла и жалбите на одбраната за враќање на патните исправи односно укинување на мерките за обезбедување. Реална опасност за бегство нема. Судот не треба да потклекнува под политичкиот притисок на СДС или пак под канонадата на разни неосновани барања на СЈО“, рече Ѓорѓиевски.
Истакна дека судот своите одлуки треба да ги донесува исклучиво врз база на Уставот и законте и никако поинаку. Судот и судиите треба да покажат интегритет и да не работат по ничиј диктат, бидејќи тоа е нивна обврска пред Уставот на државата, смета претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Мерките на претпазливост и обезбедување присуство коишто СЈО од почетокот на своите истраги до денес ги побара за раководството на ВМРО-ДПМНЕ се крајно неосновани. Истите служеа само како материјал за медиумските фанфари на СДС. Последните образложенија на СЈО во барањата за одземање на патните исправи се апсурдни. Дури и правник од втора година правен факултет ќе сфати дека се работи за тенденциозност во делувањето, а не за реална потреба на истрагата.Раководството на ВМРО-ДПМНЕ се политичари со изграден лик и почит помеѓу граѓаните, но и широки мегународни кругови, каде уживаат голем углед граден со години. Истите поради природата на својата работа имаат чести патувања и ако сакале досега да се впуштат во бегство, тоа можеле да го сторат безброј пати“, обвини Ѓорѓиевски.
Раководството на ВМРО-ДПМНЕ, според него, нема сторено ниту едно кривично дело и затоа нема потреба од бегство.
„ВМРО-ДПМНЕ верува во органите на правосудниот систем и принципите на владеење на правото и секогаш ќе биде достапно пред истите. Судот не треба да се впушта во политички игри, а своето одлучување треба да го темели само врз законски пропишаните норми“, порача Ѓорѓиевски.