Алаѓозовски и СДСМ ќе бидат запаметени како варвари во културата, затоа што само месец и половина направија вистински хаос во културата, истакна пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсте Јовановски.
Стопирањето на проектите преку новиот ребаланс на Буџетот кои се од витално значење за културата и културното наследство, како што оцени Јовановски, значи навреда и потценување на илјадници археолошки работници кои работеле со години на тие истражувања.
„На Алаѓозовски и на СДС воопшто не им е важно дали ќе се стопира изградбата на Античкиот театар Скупи. Античкиот театар кај Скупи е проект кој беше поздравен од младите и граѓаните, бидејќи беше предвиден да собира публика од 8.000 до 10.000 гледачи и предвиден беше да се одржуваат разно разни културни настани и забави. СДС ги скрати и средствата за археолошки истражувања за над 70 отсто. Со ова стопира истражувања на локалитети и заштита на културното наследство. Ова е крајно лицемерие од нивна страна бидејќи тие цело време обвинуваа дека се водело негрижа кон културното наследство“, рече Јовановски.
Додаде дека граѓаните сѐ уште очекуваат одговори на прашањата дали на СДС поважна им е партизацијата на државата, партиските вработувања, задолжувањата, октоподите, морската храна, можеби и понекогаш цвеќињата, додека пак реалната потреба за проектите во културата воопшто не им е важна. Дали е важно да јадат морска храна и октоподи, да ги вдомат своите партиски одработувачи, отколку да вложат во културата.
„Стопирањето на проектите кои се од огромно значење за граѓаните, не носат корист никому. Затоа, господа од СДС, Ве повикуваме да не ја стопирате реализацијата на проектот за Антички театар Скупи, како и стопирањето на археолошките истражувања на локалитетите низ Република Македонија. Воедно ви укажуваме, наместо блокади, фатете се за работа, бидејќи вака ако продолжите ќе бидете запаметени како варвари во културата и во културното наследство во Република Македонија“, рече Јовановски