Вардар со пресврт до третото коло во ЛШ каде го чека Копенхаген

Македонскиот шампион Вардар првпат по 2005 година успеа да слави на еден квалификациски меш од Лигата на шампионите и да се пласира во третото квалификациско коло откако со 3:1(0:1) во вторникот попладнето славеше против Малме на стадионот „Младост“ во Струмица.

Вардарци иако имаа негатива по првото полувреме откако Малме со голот на Маркус Розенберг веќе во 16 минута стигна до водство, собраа сили и одиграа перфектно второ полувреме кое им донесе и пласман во следната фаза каде ќе игра против уште еден скандинавски противник, дански Копенхаген

Пресвртот го најави Бобан Грнчаров во 56 минута кога со глава го матираше Виланд. Само пет минути подоцна Барсегјан по нереализираниот пенал на Фелипе зголеми на 2:1. Во 91 минута Бобан Николов го постави конечниот резултат и го трасираше патот на вардарци кон следното коло.

Ова е првпат македонски тим да обезбеди пласман во следното коло по 2006 година кога Работнички го мина Сконто и затоа претставува голем успех за македонскиот фудбал.

Тренерот Гоце Седлоски е задоволен од триумфот, и од изданието на својот тим, посебно во второто полувреме, кога се случи пресвртот.

„Честитки за фудбалерите, благодарност за навивачите кои френетично не бодреа. И во најавата на овој меч реков дека ќе биде тешко, дека Малме е одличен тим. Тоа се покаѓа и на овој реванш. Но, исто така, им реков на фудбалерите на полувремето да веруваат во себе, и ме послушаа. Одигравме храбро во второто полувреме, не врати во игра голот на капитенот Бобан Грнчаров, а потоа многу брзо успеавме да стигнеме и до водство. Ни беше многу важно да го минеме ова коло, сега не очекува најверојатно ФК Копенхаген, кој е уште поквалитетен тим, и ќе се надигруваме и со нив“, рече тренерот на Вардар, Гоце Седлоски, на прес–конференцијата по елиминацијата на Малме.

Капитенот на Малме, Маркус Розенберг се врати од повредата за реваншот во Струмица, но не успеа да ѝ помогне на екипата да го елиминира нашиот Вардар. Тој започна одлично и ја погоди целта во 16. минута од белата точка за почетно водство на шведскиот шампион. Но, од тој момент, гостинската екипа како да престана да игра и започна да се брани, што резултираше со иницијатива на вардарци и три гола во нивната мрежа.

„Ова е големо разочарување за нас, особено поради фактот што имавме водство на полувреме. Повеќе мислевме што можеме да загубиме, отколку што ќе добиеме доколку обезбедиме пласман во следната фаза. Мора да се вратиме посилни, но ова ќе нѐ боли долго време. Целата соблекувална е во тотален шок и разочарување“, рече напаѓачот на шведскиот првак.