
Претседателот на Собранието Талат Џафери, во средата го прими во проштална посета амбасадорот на Чешката Република во Република Македонија, Мирослав Рамеш, кој му врачи лична честитка и честитки од претседателите на Долниот дом на Парламентот и на Сенатот на Чешката Република за изборот на функцијата претседател на Собранието.
Амбасадорот ја подвлече натамошната подготвеност на Чешката Република да помага на Република Македонија со конкретна материјална и човечка помош во справувањето со мигрантската криза, бидејќи Република Македонија ги брани границите за Чешката Република, но и за цела Европа од напливите на мигранти. Постои стравување од ескалација на мигрантскиот бран од Африка, и заради тоа Чешка, заедно со останатите држави од Вишеградската група, и понатаму силно ќе ја поддржува Република Македонија со конкретна финансиска и материјална помош и со припадници на полициски сили распоредени на јужната граница.
Истовремено, Чешката Република и во иднина силно ќе ја поддржува Република Македонија на планот на нејзината конечна интеграција во Европската унија и НАТО.
Џафери го информираше амбасадорот за тековните активности во Собранието бидејќи, и како што нагласи „само со затворање на отворените прашања и посветено решавање на проблемите можеме неоптоварени да продолжиме напред во овие процеси, бидејќи тоа го посакуваат и очекуваат преку 70 отсто од граѓаните на Република Македонија”.
Соговорниците констатираа дека Република Македонија и Чешката Република во континуитет остваруваат солидна билатерална соработка на сите нивоа и изразија уверувања дека соработката ќе продолжи и во иднина, по одржувањето на парламентарните избори во Чешка во октомври оваа година.
Изразувајќи поддршка за продолжување на натамошна поблиска меѓупарламентарна соработка, како на ниво на претседатели на парламенти така и на ниво на пратенички групи за соработка, соговорниците се согласија дека воспоставените пријателски односи треба да се негуваат со силна посветеност и меѓусебна доверба.