Нема осомничени за киднапирање меѓу патниците на малезискиот авион

„Вол Стрит Џрнал“  јавува дека не е откриено што точно се случило со авионот, ниту зошто завршил илјадници километри надвор од курсот.

Истрагата и проверките за малезискиот авион исто така не покажале ништо инкриминирачко за патниците и членовите на екипажот.

“Не можеме да осомничиме никој од патниците или членовите на екипажот, па се обидуваме да дојдеме до дополнителни информации”, изјавил малезискиот министер за внатрешни работи, Ахмад Захид Хамиди.

Двајцата патници кои биле на летот 370 и патувале со украдени пасоши, биле идентификувани три дена по несреќата. Станува збор за 19-годишниот Пурај Ноурмохамади Мердад и 30-годишниот Длавар Сајед Мохамадрез, двајцата од Иран. Ниту еден од нив не бил поврзан со милитантни активности, а изгледа дека помладиот се обидувал да ја посети својата мајка во Германија.

Потсетуваме, авионот на летот MH370, исчезнал од радарот на 8. март, по помалку од еден час по полетувањето од Куала Лумпур за Пекинг. Во него имало 277 патници и 12 членови на екипажот. Авионот исчезнал мистериозно и од тогаш по него интензивно трагаат екипи од дури 26 земји.