Протестите кои со седмици ги организира опозицијата во Полска поради контроверзните реформи за изборот на уставните судии ги финансираат медиумски концерни, банки и меѓународни корпорации, а опозицијата и дел од европските сили не сакаат да ги признаат резултатите од претседателските и парламентарните избори во земјата, смета полскиот министер за надворешни работи, Витолд Вашчиковски.
Во Полска од 21 јули продолжуваат масовните протести против судските реформи. Сејмот и Сенатот, двата дома на парламентот, ги усвоија трите спорни закона со коишто се прави реформа на судскиот систем, вклучително и на Врховниот суд.
Опозицијата бараше од претседателот Анджеј Дуда, чиј потпис е неопходен законот да стапи на сила, да стави вето на законот, што тој во понеделникот и го стори.
И европските органи во Брисел, особено Европската комисија остро ги критикуваа реформските закони, сметајќи дека ќе доведат до зависност на судските власти од владејачката партија, конзервативната Право и справедливост (PiS) којашто надмоќно победи на парламентарните избори кон крајот на 2015 година, заканувајќи се санкции против Варшава.
Европската комисија во средата ја повика Варшава „да ја прекине“ реформата на полскиот правосуден систем заканувајќи се со санкции. Полската власт презема реформи во кадровското именување во Врховниот суд и во медиумите, што се толкува со како желба за зголемување на контролата на власт над правосудството и медиумите.
„Опозицијата и дел од европските сили не можат да се помират со резултатите од претседателските и парламентарните избори… Ние се соочуваме со обид за соборување на владата. Прашањето за судовите, на различните реформи е само предлог“, изјави Вашиковски во разговор за полскиот јавен сервис.
Според него, протестите во Полска не се така масовни како што ги прикажуваат особено странските медиуми.
„Зад нив (протестите) стојат огромни пари и влијанија. Тоа се медиумски концерни, банки и меѓународни корпорации. Станува збор за сериозни сили коишто во моментов се мешаат во внатрешните работи на Полска“, истакна шефот на дипломатијата.