Огромни инвестиции во заштита на црковното наследство во прилепско (ФОТО)

Во изминативе 12 години локалната самоуправа на Прилеп, со поддршка на Министерството за култура и Владата многу инвестираше во заштита на нашето културно богатство, во кое како значаен дел спаѓа и црковното наследство. Манастирите и црквите се значаен дел нашата култура, историја и традиција. Токму затоа во изминатава деценија се работеше на обновување на најзначајните вакви светилишта, дел од нив стари и по скоро еден милениум.

Моментално интензивно се градат опожарените конаци на манастирот Трескавец кај Прилеп. Проектот е финансиран од Министерството за култура и според првичните проценки тој ќе чини околу два милиона евра. Според динамиката на работа конаците треба комплетно да бидат обновени во текот на 2018 година.

Во изградбата на конаците се ставаат најсовремени материјали и се употребуваат најсовремени методи. Два од конаците, северниот и западниот ќе бидат наменети за гостите, а додека еден, источниот, ќе биде монашки конак. Манастирот ќе биде реставриран и обновен според пронајдените стари фотографии, како што тој изгледал во минатото.

Паралелно на Трескавец се работи на изработка на проектите за реконструкција и реставрација на црквата, старата трпезарија, магерницата, магерничкиот конак и камбанаријата.

Претходно на 28.08.2013 година се пушти во употреба новоизградениот асфалтен пат до манастирот, долг 7,5 км. Патот кој беше изграден за рекордно кратко време беше инвестиција на Владата која чинеше околу 1,8 милиони евра. Патот придонесе овој манастир секоја година да биде посетуван од илјадници туристи од целиот свет.

Заедно со обновата на конаците во последниве три години тука се изведоа и голем број археолошки истражувања кои го потврдија постоењето на античката населба „Колобаиса“, која била лоцирана токму на овој простор, околу и во самиот манастир.

Активно се работеше и во манастирот Свето Преображение Зрзе, еден од најзначајните и најубави манастири во регионов, кој во 2016 година доби комплетно нови монашки конаци. Целиот проект за обнова на ова наше духовно светилиште чинеше околу 92 милиони денари, пари обезбедени од Министерството за култура.

Проектот се реализираше 7 години, започна во 2008-ма со археолошките истражувања на бигорната карпа на која е изграден манастирот, потоа во 2010 година беше изграден владичкиот конак, а во 2016 година се изградија и новите монашки конаци.

До овој манастир во 2014 беше изграден и нов асфалтен пат во должина од 7,5 км. и ширина од 5 метри заедно со банкините. Инвестицијата за патот чинеше 1,6 милиони евра, а парите беа обезбедени од Владата. Овој пат значително придонесе за економскиот развој на овој крај, како и за поголема промоција на манастирскиот туризам во Прилепско.

После децении на нефункционирање во 2016 година повторно беше изграден и ставен во функција источниот конак на манастирот Свети Архангел Михаил во прилепската населба Варош.

Со реализација на проектот се започна во 2012 година по добивањето на конзерваторското одобрение. Инвестицијата за изградба на овој конак беше на Владата, која во обновата на ова наше културно богатсво инвестираше близу 13 милиони денари.

Конакот се простира на вкупна површина од 292 метри квадратни. Освен на конакот се изврши реконструкција и на старата манастирска порта која е препознатлив белег за овој манастир.

После векови мананастирот Свети Никола во селото Манастир во Мариово доби нов монашки конак, кој овозможи монасите, кои живеат тука од 2008 година, нормално да ги извршуваат своите активности.

Средствата за оваа инвестиција беа обезбедени од Министерството за култура кое заедно со Заводот и музеј Прилеп секоја година работи и на заштита и конзервација на манастирската црква која потекнува од 11 век.

Реализацијата на проектот конструктивно зајакнување на темелите на црквата започна во 2014 година по добивањето на конзарваторското одобрение, а заврши во 2015 година. Вредноста на изведените работи според договорот изнесува 1,7 милиони денари. Проектот за конзервација на фрескоживописот се работи во три фаза. Започнат е во 2010 година. Досега за конзервација на фрескоживописот се одобрени 870.000 денари. Конзервацијата на фрескоживописот продолжи и во 2016 година.

Во изминативе години археолошки беше истражен целиот терен околу манастирот. Во наредниот период се очекува манастирот да добие оградни ѕидови, да се изгради гостински конак, нова камбанарија, нова манастирска порта, како и атеље за фрескоживопис.

Претходно до селото Манастир каде се наоѓа и манастирот Свети Никола за прв пат во историјата се изгради асфалтен пат во должина од околу 3 км, инвестиција од околу 16 милиони денари.

Се изгради и асфалтен пат до манастирот „Св. Димитрија“ во н.м Селце, со должина од 2.2 км. за што беа инвестирани 9 милиони денари, а асфалтен пат доби и манастирот „Света Петка“, кај селото Лениште во должина од 1.2 км, инвестиција од 6.6 милиони денари.
Освен на обнова и изградба на манастирите во прилепско и неговата околина се работеше и на изградба на нови цркви. Така што после по скоро 100 години во Прилеп, во населбата Точила, се изгради нова црква посветена на православната светителка Света Петка. Овој велелепен храм се градеше цели 7 години. Најзаслужни секако за изградба на храмот се бизнис секторот од Прилеп, верниците и општина Прилеп. Храмот беше осветен на 24 октомври 2015 година.

Црквата доби и нова камбанарија, а хортикултурно се уреди и малиот плоштад пред храмот, кој доби фонтани, клупи, канделабри и друга урбана опрема. Моментално се работи на фрескоживописот на црквата кој е завршен над 40 проценти. Иконостасот на црквата е изграден од бел мермер.

Пред неколку денови на празникот Петровден беше поставен и камен теленик за нова административна зграда, во која ќе бидат сместени канцеларии за свештениците и кујна и трпезарија за верниците.

Во кругот на општата болница во Прилеп „Борка Талески“ се изгради црква посветена на православниот светител Свети Великомаченик Пантелејмон.
Црквата е со димензии 10 на 7 метри и таа е еден од трите верски храмови што во последните четири години се изградени во Прилеп.

Темелите на црковниот храм „Св.Велемаченик Пантелејмон“ беа поставени, на 19-ти април 2012 година, а осветувањето и завршувањето со градба на црквата се случи на 7 август 2016 година.

Црквата е изградена по сите црковни стандарди во чест и спомен на светецот, заштитник на болните и лекарите, со донација од општинскиот буџет и многу верници.

Нова црква доби и типската населба која е посветена на светителите „Константин и Елена“. Црквата е со димензии 10 на 7 метри.

Храмот го изгради фирмата „Виком“ со помош на МПЦ, локалната самоуправа и со доброволни прилози од граѓаните. Црквата ја краси бел мермерен иконостас, кој е донација од верниците.

Прилеп наскоро ќе добие уште една црква посветена на големиот македонски светител „Свети Наум Охридски Чудотворец“. Црквата, која интензивно се гради, е од истиот тип како и претходните помали цркви „Св. Константин и Елена“ и „Св. Великомаченик Пантелејмон“ кои се изградија во типската населба и во кругот на болницата. И овој верски објект ќе биде со димензии 10 на 7 метри.

Овој храм се гради пред спортската сала „Македонија“, во близина на Паркот на Револуцијата.

Се планира во иднина градот под Марковите кули да добие уште три нови верски храмови кои е планирано да бидат изградени во населбите Тризла, Сточен пазар и Марино Маало.