Темелковски: Општината Кисела Вода нема сработено ништо и тоне во долгови

Од планираните средства наменети за капитални инвестиции, општината реализирала само поразителни 3,5%. Реализирани се нула капитални проекти во образованието, нула проекти за енергетска ефикасност и нула проекти за спорт. Со еден збор, општината не сработела ништо, изјави во четвртокот Филип Темелковски, претседател на Општинскиот одбор на СДСМ Кисела Вода

Филип Темелковски, инаку се споменува како можен кандидат за градоначалник на скопската општина Кисела Вода, од СДСМ. Тој е син на поранешниот пратеник на оваа партија, бизнисменот Зоре Темелковски.

„Од планираните средства наменети за капитални инвестиции, општината реализирала само поразителни 3,5 отсто. Реализирани се нула капитални проекти во образованието, нула проекти за енергетска ефикасност и нула проекти за спорт“, тврди Темелковски.

Додаде и дека во сферата на урбанистичко планирање, исто така, реализирани се нула денари од планираните 30 милиони денари.

„Тоа покажува дека општинското раководство и градоначалничката немаат капацитет да ги приберат финансиските средства и да ги реализираат проектите“, рече Темелковски и додде дека состојбата според него била уште полоша затоа што во моментов долгот на општина Кисела Вода изнесувала три милиона еврa.

„Катастрофалната реализација на буџетот е резултат на недомаќинско и непланско работење на градоначалничката Билјана Беличанец, а извештајот е еден од најлошите извештаи во историјата на општината. Овие официјлани податоци се доказ за неспособна и неефикасна локална власт каква што граѓаните на Кисела Вода не заслужуваат. На локалните избори ќе се случи промена и граѓаните ќе изберат нова локална власт предводена од СДСМ што ќе работи ефикасно, домаќински и во интерес на граѓаните“, рече Темелковски.