
Во текот на утрешниот ден, претседателот на Собранието Талат Џафери ќе ги распише локалните избори кои треба да се одржат на 15 октомври, а сите останати постапки поврзани со изборите ќе продолжат по 20 август, по одморите, рече во саботата премиерот Зоран Заев пред новинарите во Охрид каде што го презентираше владиниот предлог-закон за јазиците.
Заев рече и дека СДСМ ќе прави анкети на кои граѓаните сами ќе предлагаат кој е најдобар кандидат за градоначалник за нивната општина.
Во недела напладне Џафери ќе ги распише локалните избори кои треба да се одржат на 15 октомври, соопштија од неговиот кабинет. Изборната кампања треба да започне на 25 септември.
На изборите, ќе се бира градоначалник на Град Скопје, градоначалници на општините, како и членови на општинските совети. Досега, ниту една од партиите не излезе официјално со имиња на кандидати со кои ќе ја бараат довербата од граѓаните.