Мурињо: Подготвени сме за Реал, ќе се обидеме да победиме

Тренерот на Манчестер Јунајтед Жозе Мурињо на денешната прес-конференција истакна дека „Црвените ѓаволи“ се подготвени да му се спротивстават на Реал Мадрид на утрешниот натпревар од Суперкупот кој се одржува во Скопје.

– Ќе се обидеме да победиме, но јасно е дека има разлика меѓу победниците во Лигата на шампионите и Лига Европа. Тешко е да се освои Лига Европа бидејќи има многу натпревари, патувања, а мотивацијата не е толку голема бидејќи не претставува „Елдорадо“ за фудбалерите. Најголемиот квалитет е во Лигата на шампионите, кога играте во ЛШ тука се најдобрите тимови во Европа и играте против нив, сепак ние веруваме дека е можно да победиме, вели Мурињо.

На утрешниот натпревар Јунајтед ќе истрќа на теренот без Фил Џонс, Ерик Баји, како и повредените Рохо, Јанг.

Екстремно високите температури кои ги има во Скопје ќе бидат главниот проблем на „Црвените ѓаволи“.

– Знаев дека времето ќе биде вакво и откако се вративме од САД, решив да тренираме во Манчестер во 16 часот, но врнеше секој ден. Сакав да ја почувствуваат жештината, но врнеше постојано. Знам дека и Реал тренирал на пожешко време, веројатно се подобро подготвени за вакви услови, но сепак мора да играме и да уживаме во специјалниот момент. Не се игра често во Супер купот освен ако не сте Реал или Барселона и мора да уживаме во моментот, без разлика на времето. Се надевам дека и судијата Роки ќе дозволи паузи за фудбалерите да се освежат, истакна Мурињо.