Северна Кореја можела преку црниот пазар да ги набави ракетните мотори произведени во погоните на украинската компанија „Јужмаш“, пишува весникот The New York Times повикувајќи се на класифицираната процена на разузнавачките агенции на САД и истрагата на експертот од аналитичкиот центар International Institute for Strategic Studies, Мајкл Елеман.
Аналитичарите ги проучувале фотографиите на коишто севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун ги проверува новите ракетни мотори, и дошле до заклучок дека тие се слични на моторите од советскиот тип, кои во моментов „може да се однесуваа“ само на неколку компании на територијата на поранешниот Советски сојуз.
Според весникот, „истражувачите од владата и експертите ја фокусирале својата истрага на производителот на ракетите во Днипро, во Украина“. Експертите сметаат дека „Јужмаш“ е „најверојатниот извор на моторите“ за интерконтиненталните балистички ракети, за чиешто тестирање Северна Кореја извести во јули. Притоа NYT истакнува дека точни податоци за тоа кој можел да продава ракетна технологија на Северна Кореја засега нема.
„Многу е веројатно дека моторите биле доставени од Украина, можеби и незаконски. Во моментов големо прашање е колку од нив (моторите – доставиле), и ѝ помагаат ли (на Северна Кореја) Украинците“, изјавил Елеман.
За време на Студената војна, фабриката ги направи најсмртоносните проектили во советскиот арсенал, вклучувајќи ги и гигантските „СС-18“. Овие погони се едни од првите производители на проектили во Советскиот сојуз, кои функционираат и откако Украина доби независност во почетокот на 1990-те, се наведува во написот.
Белата куќа одби да ги коментира споменатите процени на разузнавањето, пишува уште весникот.
Од своја страна, секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, Александр Турчинов го нарекол „провокација“ написот за можното доставување на Северна Кореја оружје и воена технологија. „Оваа информација нема никакви основи“, тврди Турчинов.
Според Елеман, по неуспешните тестирања Северна Кореја последните две години го изменила надворешниот изглед на уредите и користела услуги од други доставувачи во текот на изминатите две години. Според неговото тврдење, новите ракети „се базираат на пософистицирана технологија којашто Северна Кореја не можела да ја совлада толку брзо“. Според податоците на експертот, новиот ракетен мотор Северна Кореја најверојатно првпат го користела во септември минатата година.
На почетокот од август Советот за безбедност при ОН едногласно ја прифати новата резолуција за Северна Кореја, којашто ги заострува економските санкции против оваа изолирана комунистичка земја. Според процените на САД, строгото спроведување на санкциите ќе овозможи намалување за една третина на годишните девизни приходи на Пјонгјанг, кои во моментов изнесуваат три милијарди американски долари. Притоа САД ја отфрлија можноста во резолуцијата да се откажат од обидите за смена на севернокорејскиот режим.
Северна Кореја, и покрај досегашните неколку кругови санкции на Советот за безбедност при ОН, не ги прекинува ракетните тестови оправдувајќи се со нужна одбрана од агресивната политика на САД. По најновите тестови и тврдењата на Пјонгјанг дека развил интерконтинентални балистички проектили кои можат да достигнат која и да е цел на американската територија, Вашингтон и Пјонгјанг разменија серија остри закани.
Службената севернокорејска новинска агенција KCNA објави дека армијата изготвува план за ракетен напад врз американскиот воени објекти на американската пацифичка територија Гуам, кој кон средината на август ќе му биде претставен на водачот Ким Џонг-ун кој ќе ја донесе одлуката за натамошните чекори. На овие закани американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека доколку и натаму Северна Кореја им се заканува на САД ќе се соочи со „оган и гнев какви што светот досега не видел“, а во серијата вербални закани изминатиот викенд рече и дека американското оружје е „наполнето и подготвено“.
На Гуам, во западниот дел на Тихиот Океан, се стационирани воздухопловната база „Андерсон“ за американските стратешки бомбардери, како и военопоморската база „Апра Харбор“.