
Тринаесетгодишното девојче, единствената жртва во инцидентот од понеделникот вечерта кога автомобил влета во пицерија во североисточно предградие на француската престолнина Париз, е со потекло од источниот дел на Македонија, дознава НетПрес.
Семејството коешто потекнува од Македонија е втора генерација иселеници во Франција кои живеат во општината Сен-Сор во департманот Сен-е-Марн, и имаат и француско државјанство.
Кобниот ден девојчето со целото свое семејство биле на вечера во пицеријата во местото во кое живееле. Во инцидентот повредени се и нејзината мајка и татко и уште двете деца од истото семејство. Според последните извештаи, четворица од повредените се наоѓаат во критична состојба, а другите осум се здобиле со полесни повреди.
Снимките покажуваат дека автомобил BMW со сребрена боја речиси целосно е навлезен во објектот од малата пицерија. Во медиумските извештаи се истакнува дека на местото од инцидентот не се забележливи никакви траги од кочење.
Возачот е уапсен. Се наведува дека тој неколку дена пред инцидентот имал неуспешен обид за самоубиство во малата општина 65 километри од Париз . Верзијата за терористички напад, дефинитивно е отфрлена.