Иванов: АРМ стана синоним за патриотизам, лојалност и дисциплина

На овој 25 годишен јубилеј симболично започнува ново поглавје за Армијата. Пред вас се големи предизвици, но и големи задачи. Овие нови задачи и улоги не сфаќајте ги како товар, туку како признание и израз на нашата доверба во вас, во вашиот професионализам и патриотизам. Бидејќи, вие целосно ја оправдавте довербата на граѓаните и на татковината. Го одбранивте територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, на вечерашната централна свеченост по повод одбележувањето на 18 Август – Денот на Армијата на Република Македонија и 25-годишнината од формирањето на АРМ, што се одржа на Воениот стадион во Скопје.

Сите ние, рече претседателот Иванов, добро се сеќаваме дека Армијата се формираше во време-невреме, за кратокпериод, со малку опрема, но со многу љубов кон татковината.

-Се сеќаваме на првите македонски војници кои на караулата „Рамна Нива“ го подигнаа знамето на Република Македонија. Се сеќаваме на првите регрути кои ја дадоа првата свечена заклетва во касарната Илинден. Уште тогаш, очекувањата од Армијата беа големи. Во тој драматичен период кога оружјето одново ѕвечкаше на Балканот, кога се уште бевме негирани и уценувани, првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров истакна дека Армијата треба да биде во функција на одбрана на границите, територијалниот интегритет и суверенитет на нашата млада независна државата. Со тоа, пред четврт век, тој ги трасираше основните задачи на Армијата, рече претседателот Иванов.

-Во овие 25 години Армијата на Република Македонија беше многупати проверувана. Во мугрите на независноста, Армијата беше силен аргумент против оние кои сомневаа во нашата способност да опстанеме како суверена држава, порача македонскиот претседател.

Чекорејќи на евроатлантскиот пат, со 27 ротации во ИСАФ, 6 ротации во „Одлучна поддршка“, 22 ротации во АЛТЕА и 10 ротации во УНИФИЛ, нашата Армија, оцени претсетелот Иванов, стана најпроверувана армија во историјата на Алијансата.

-За време на првиот мигрантски бран, Армијата ја заштити не само Македонија туку и Европа од заканата од илегална миграција. Во изминативе 25 години, Армијата ја зацврсти и националната безбедност. Безбедност што е неопходна за демократијата и економијата, но и за македонскиот модел на соживот и почитување на различноста, рече претседателот Иванов.

Благодарение на ваквата посветеност, оцени претседателот Иванов, нашата Армија стана синоним за патриотизам, лојалност и дисциплина.

-На овој свечен ден посакувам само едно нешто. Посакувам на следниот голем јубилеј, на 50 годишнината од формирањето на Армијата, некој иден Претседател на Република Македонија и Врховен командант да стои на ова исто место, и да ги каже истите зборови: војници и старешини, вие целосно ја оправдавте довербата на граѓаните и на татковината Република Македонија. Ви честитам и ви благодарам за вашиот професионализам и за дисциплината во извршувањето на одговорната задача. Ви честитам и ви благодарам за вашата солидарност кон граѓаните и безрезервна лојалност кон татковината, рече македонскиот претседател во обраќањето по повод Денот на АРМ и 25-годишнината од формирањето на АРМ.