Крајно време е да се зголеми буџетот на Армијата. Затоа што пред нашата Армија стојат големи предизвици и големи задачи, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во обраќањето по повод Денот на АРМ и 25-годишнината од формирањето на АРМ.
„Веќе осум години сум Врховен командант на вооружените сили, и најодговорно тврдам дека нашата Армија е дорасната на овие задачи. Но, потребни се повеќе средства. Како држава постојано ја нагласуваме нашата посветеност и подготвеност да бидеме дел од НАТО. Но, ако сакаме да ги користиме привилегиите, мора да ги поднесеме и одговорностите. Членството на Македонија во НАТО подразбира и буџет на Армијата соодветен на НАТО. А тоа е миминум 2 отсто од Буџетот на државата“, рече претседателот Иванов.
„Во изминатиов период ги обиколив сите касарни и лично се запознав со животниот стандарт на војниците. Знам со што се хранат, во какви услови живеат и во какви униформи се облекуваат. Од прва рака сум запознат со предизвиците на нашите посветени и професионални војници. Крајно време е да се врати достоинството на македонскиот војник. Крајно време е да се зголеми буџетот на Армијата. Затоа што пред нашата Армија стојат големи предизвици и големи задачи.
Но, освен буџет, потребни се и реформи. Реформите во системот за национална безбедност мора да бидат во согласност со Стратегијата за одбрана. Истата онаа стратегија што треба да се донесе до крајот на оваа година“, порача македонскиот претседател.
Во својот говор претседателот Иванов се осврна и на разузнавањето како прва линија на одбраната.
„Потребни ни се стандарди кои се однесуваат на квалитетот и квантитетот на информациите.Нам ни треба проактивно разузнавање, а не реактивно разузнавање“, рече претседателот Иванов.
„Нема универзален систем за одбрана, сеопфатен текст на законите за модел на национална безбедност. Секоја држава има закани и интереси кои треба превентивно и проактивно самостојно да ги менаџира. Ние се уште сме во фаза на градење на капацитети за одговор на заканите. Во изминативе 25 години ги учиме лекциите. Градиме знаење врз основа на грешки. Но, и таа суштинска реформа мора да ги мине сите неопходни филтри. Сите реформи во системот за национална безбедност мора да поминат низ Уставно надлежниот Совет за безбедност на Република Македонија.Бидејќи, само така конечно ќе го затвориме кругот на одговорност“, рече македонскиот претседател.
„Зголемен буџет и реформиран систем со затворен круг на одговорност се формула за успех. Само така ќе создадеме услови за Армијата успешно да ги исполнува новите задачи што стојат пред неа. Задачи кои се неопходни за Армијата да ги обезбеди трите нешта кои се најважни за секој човек, а тие се: безгрижно детство, просперитетен живот и спокојна старост, тука, во нашата заедничка татковина, Република Македонија“, рече претседателот Иванов на одбележувањето на Денот на АРМ и на 25-годишнината од формирањето на АРМ.