Граѓаните на Неготино против бегалци во нивниот град, бараат референдум

Граѓанската иницијатива „Будење“ денеска во центарот на Неготино почна да собира потписи за распишување референдум за Националната стратегија и Акцискиот план за странци и бегалци кој е инициран од Владата и Министерството за труд и социјална политика.

Од Иницијативата велат дека од 12 часот, откако е поставен штандот за собирање потписи, досега имаат собрано повеќе од 250, а се надеваат дека до 19 часот ќе имаат неколку илјади.

-Сакаме да ја спречиме одлуката на Владата на СДСМ за доселување на мигранти, после што нема ништо да биде исто во Република Македонија, а со тоа и во општина Неготино, велат од Граѓанската иницијатива.

 

Според нив, доселувањето на мигрантите ќе значи намалување на платите и евтина работна сила, губење на работни места и нови отпуштања.

-Наместо трошење на пари за изградба на училишта, градинки, паркови, игралишта, ќе се трошат пари за станови и куќи за мигранти и пари за ќирии. Помалку пари за пензии и социјална помош, зголемување на криминалот и небезбедни градови. Менување на составот на население и сликата на градовите, посочуваат од иницијативата.

 

Оттаму посочуваат дека Граѓанската иницијатива „Будење“ е чисто граѓанска.