На неодамнешната политичко-дипломатска криза меѓу Србија и Македонија е ставена точка, изјави во саботата на маргините од еднодневниот неформален самите на челниците на владите на шесте западнобалкански земји македонскиот премиер Зоран Заев, а еврокомесарот Јоханес Хан истакна дека проблемот меѓу Македонија и Србија бил надминат без посредство на Европската унија.
„Секако дека да. Навистина разговорот со претседателот Александар Вучиќ беше долг, но дебатата за ова прашање е завршена во неколку реченици“, одговори Заев на прашањето на новинарите по првата сесија од средбата со неговите колеги во Драч.
Заев истакна дека перспективата на Македонија и на Србија е во напредокот и соработката во сите сфери.
„Нашите народи се многу блиски. Тие можат да соработуваат и без нас политичарите. Ние треба да бидеме тука да им помогнеме, доколку им затреба помош“, заклучи Заев.
На прашањето на српските новинари каква е позицијата на Македонија по прашањето на приемот на Косово во УНЕСКО, откако неговата српска колешка Ана Брнабиќ претходно за РТС изјави дека Заев ѝ ветил дека македонските претставници ќе бидат неутрални, македонскиот премиер изјави дека тоа прашање нема да биде отворено оваа година.
„Годинава нема апликација и за тоа прашање нема да се дискутира. Можеби тоа е и добро, бидејќи се надевам дека ќе имаме подобри услови и околности кога за тоа ќе се разговара“, рече Заев во извештајот на РТС од Драч и додаде дека не знае дали споменатото прашање ќе биде отворено и следната година.
Заев порача дека за регионот е најважно да оди само напред и ниедна земја да не дава поводи за нарушување на меѓусоседските односи. Притоа уверува дека Македонија со Србија има многу заеднички односи, во прв ред европската перспектива, како и унапредување на земјоделието, што би го направило животот подобар за сите граѓани.
Претходно на прес-конференцијата во Драч, еврокомесарот за соседска политика и проширување на ЕУ, Јоханес Хан, изјави дека дипломатскиот проблем меѓу Македонија и Србија се појави и беше решен така брзо што немаше потреба од вклучување на Европската унија.
„Секако дека би сакал да се запознаам подобро со причините за овој проблем, но добро е што веќе постои доверлива врска меѓу лидерите на двете земји и тоа што остварија брз телефонски разговор“, рече Хан.
Го истакна како позитивен начинот на кој е решен проблемот што, според него, покажува дека постои позитивен развој во регионот и се надева дека ќе продолжи и во иднина.
„Првиот разговор меѓу двајцата лидери покажува дека постои самодоверба кај политичарите за надминување на овие прашања и моето очекување е дека ваквите работи се настани од минатото“, додаде Хан.