
Лидерите на седум африкански и европски земји се среќаваат во понеделникот во француската престолнина Париз на мини самит за миграциската криза, за да ги усогласат ставовите по оваа тема која е често извор на тензии.
Францускиот претседател Емануел Макрон ги повика своите африкански колеги од Чад и Нигер, Идриз Дени Итн и Моахамуд Исуфу, како и шефот на либиската влада на национално единство Фајез ал-Сараи, чиишто земји се во центарот на транзитот на мигрантите од Африка и Блискиот исток кон европските брегови.
Европа ќе ја претставуваат германската канцеларка Ангела Меркел, шефовите на италијанската и на шпанската влада, Паоло Џентилони односно Маријано Рахој, како и шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини.
Целта на оваа средба е „да се потврди поддршката на Европа на Чад, Нигер и Либија поради контролата и управувањето со миграцискиот прилив“, соопшти кабинетот на францускиот претседател Макрон.
Европската унија од пред неколку години покрена програми за помош во африканските земји и склучија некои „контроверзни“ договори, како оној со Турција за спречување на патиштата на огромната нелегална миграција. Во 2015 година на самитот за миграцијата во Ла Валета, ЕУ издвои 1,8 милијарди евра.
Африка бара повеќе
Африканците бараат поголема поддршка и се фалат со резултатите, како на пример Нигер кој проценува дека го намалил миграцискиот прилив за 80 отсто во Агадес, центар на трговијата со луѓе.
Но се отвораат и други миграциски патишта, особено од страна на Мароко и Шпанија, па хуманитарната катастрофа со мигрантите продолжува, а тие се препуштени на екстремното насилство на криумчарите, и натаму смртно страдаат на морето. Околу 14.000 луѓе загинале во Средоземното Море од 2014 година.
„Борбата против илегалната имиграција се води на две точки, развојот и безбедноста. Самитот во Париз претставува можност да се направи процена и да се добие поддршка. Ни се брза да видиме конкретни акции за кандидатите за имиграција да имаат алтернативи и да престанат да сонуваат за Европа“, го цитира агенцијата DPA неименуваниот соговорник близок на претседателот на Нигер.
ЕУ му исплати во јули помош од 10 милиони евра на Нигер за борба против илегалната имиграција, што е првата исплата во рамките на програмата за којашто беше донесена одлука во 2016 година. Овој мини самит се случува по неколкуте европски иницијативи во текот на летово.
Од француска страна, претседателот Емануел Макрон во јули најави формирање „хиотспотови“, односно центри за регистрирање на имигрантите во Либија. Иако Франција набрзо се повлече поради безбедносни причини, делегацијата на Француското биро за заштита на бегалците и апатридите беше испратена во Чад и Нигер да ја разгледа можноста на механизмот што не наидува на одушевување кај овие земји.
„Тоа не е ново, центрите за транзит веќе постојат и работиме со Високиот комесаријат за бегалци и со Меѓународната организација за миграции“, рекол за агенцијата нигерискиот соговорник.
Невладините загрижени, Италија го заостри тонот кон нив
Невладините меѓународни организации со загриженост гледаат на тие проекти. „Се поместува европската граница во сѐ пооддалечените земји“, тврди во разговорот за AFP Ева Отаву од француската невладина организација Cimade и според нега „под изговорот за спасување животи, се блокира пристапот до територијата“ на Европа.
Италија, којашто е на првата линија на миграциската криза, со повеќе од 600.000 имигранти кои дошле преку Либија на нејзините брегови од 2014 година, го заостри тонот наметнувајќи го прашањето на однесувањето на невладините организации или заканувајќи се со блокада на влегувањето во нејзините пристаништа на странските бродови на невладините организации со мигрантите кои ги спасувале на море.
Во август е забележан значителен пад на бегалците кои го минуваат Медитеранот. Од почетокот на јули до 25 август само 2.932 мигранти пристигнале во Италија. За споредба, во истиот период минатата 2016 година пристигнале 21.294 бегалци и имигранти, според официјалните податоци на италијанското министерство за надворешни работи кои ги објави во понеделникот.
Стручњаците од оваа област веруваат дека причина за остриот пад на бројот на имигрантите е новата вооружена формација којашто дејствува во Либија и го оневозможува криумчарењето на луѓе и заминување од либиските пристаништа.
Рим се среќава со претставници од југот на Либија поради осмислување на алтернативите развојните проекти на криумчарење на имигрантите коишто, според процената на International Crisis Group, ѝ носи меѓу една и 1,5 милијарди евра годишно на Либија.
Либискиот челник Фајез ал-Сарај кој контролира само мал дел од територијата зафатена со хаос, би требало од своја страна да бара од европските земји да извршат притисок околу укинувањето на ембаргото за увоз на оружје од ОН од 2011 година, за да ја опреми својата крајбрежна стража и граничарите.