Севернокорејска ракета ја прелета Јапонија

Ракетата којашто во вторникот ја лансирала Северна Кореја, според сѐ судејќи прелетала над североисточниот дел од Јапонија во Тихиот Океан, според предупредувањето коешто беше објавено ноќта преку системот за итно предупредување на населението J-Alert.

Како што се наведува во предупредувањето, севернокорејскиот проектил се распаднал на три дела, кои паднале во близина на брегот на јапонскиот остров Хокаидо. Локалните медиуми јавуваат дека ракета паднала најверојатно во океанот на 1.180 километри од островот.

Предупредувањето со однесува на префектурите Хокаидо, Аомори, Мијаги, Ивате, Акита и Јамагата.

Јапонските вооружени сили за самоодбрана не се обиделе да го соборат проектилот.

Јужнокорејската армија го потврди лансирањето во раните утрински часови во вторникот по локално време на нова ракета од Северна Кореја, којашто го прелетала североистокот на Јапонија, пренесува јужнокорејската новинска агенција Yonhap.

„Северна Кореја денеска во 05.57 (22.57 часот по македонско време во понеделник) утрото во областа на градот Сунан во близина на Пјонјганг изведе лансирање на ракета во насока на Јапонското Море“, го пренесува агенцијата соопштението на заедничкиот комитет на началниците на штабовите на јужнокорејските војски.

Командата во Сеул, исто така, го потврди извештајот на јапонската јавна телевизија NHK дека ракетата прелетала над североисточниот дел од Јапонија.

Засега нема поединости за каков проектил станува збор, ниту за точната локација каде што паднал, ниту за евентуални штети.

Претходно во понеделникот властите на Јужна Кореја повикаа на развој на „асиметрични мерки“ против Северна Кореја поради нејзините продолжени тестирања на балистички проектили и постојаните закани со нуклеарен удар. Јапонските власти, исто така, издадоа предупредување до населението и побара да се придржуваат до мерките за претпазливост, пренесува Reuters.