СДСМ е изгубена и почна да ги копира проектите на ВМРО-ДПМНЕ кои претходно ги критикуваше. Додека СДСМ беше во опозиција постојано и гласно го критикуваше Законот за легализација на бесправно изградените објекти и ја обвинуваше тогашната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ дека реализира популистички мерки, но сега кога тие се на власт, очигледно тоа веќе не важи, велат од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
„Целокупната македонска јавност, но и засегнатите граѓани со оваа проблематика сигурно се сеќаваат дека тогашниот состав на пратениците на СДСМ, меѓу кои беше и сегашниот министер за транспорт и врски Горан Сугарески, на пленарна седница во 2011 година одбија да го поддржат и не гласаа за овој закон кој што предвиуваше легализација на голем број на бесправно изградени објекти. Препознатливо и карактеристично за СДСМ. СДСМ по којзнае кој пат го менуваат својот став во зависност од нивните партиски потреби, неводејќи нималку грижа за интересите на граѓаните“, стои во реакцијата на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.
Недостигот од идеи и капацитет, се додава, за реализација и испорачување на ветувањата кон граѓаните, Министерството за транспорт и СДСМ очигледно го надополнуваат со копирање на позитивни проекти кои ВМРО-ДПМНЕ изминативе години веќе ги започна со реализација.
„Министерството за транспорт и врски предводено од СДСМ, во изминативе 100 дена не реализираше и не започна ниту еден позначаен и капитален проект, не започна со градба на ниту еден локален или регинален пат, не започна со изградба на ниту една канализација или пак водовод, туку напротив, тие постојано се занимаваат со блокирање и стопирање на веќе започнатите капитални проекти. Токму поради ваквото деструктивно и непрофесионално однесување, единствено тие се директните виновници што македонската економија трпи огромни и ненадоместливи штети што ќе ги почувствува секој еден граѓанин на Република Македонија“, се додава во реакцијата на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.