
Американските разузнавачки служби уште во мај ја предупредиле Шпанија за опасноста од напад на улицата „Лас Рамбас“ во Барселона, каде на 17 август беше извршен терористички напад, во кој загинаа 14 лица, објави денеска каталонскиот весник „Периодико“.
Весникот објавува копија од писмото на англиски јазик. Националниот центар на САД, кој ги вклучува и ЦИА и ФБИ, писмото со предупредувањето го адресирал до шпанската разузнавачка служба Се Ене И, до шпанската полиција и до регионалните сили за одржување на редот во Каталонија.
– Непотврдените податоци со неутврдена веродостојност од крајот на мај 2017 година покажуваат дека така наречената Исламската држава планирала непрецизирани терористички напади во текот на летото против многу туристички локалитети во Барселона и конкретно улицата Лас Рамбас, било наведено во писмото од Националниот антитерористички центар на САД.
Портпаролот на Се Ене И одби да потврди или демантира дека контактирале со други разузнавачки служби.
Радиото „Кадена СЕР“, повикувајќи се на „извори од борбата против тероризмот“, наведе дека документот објавен во „Периодико“ е автентичен.