На денешната седница на СОНК се дискутираше за актуелните состојби во дејностите кои што ги покрива СОНК, а тоа се детската заштита, образование и култура, а особено се стави акцент на последните случувања околу воведувањето на втората смена во детските градинки, изјави на денешната прес-конференција претседателот на СОНК Јоаким Неделков.
-Апелираме до Министерството за труд и социјална политика да направи уште еден напор за да минималната плата помине по процедура и да се донесе на економско социјален совет и да се разгледа можноста за утврдување на минималната плата и усогласување со платите во јавниот сектор по колективните договори, истакна Неделков.
Тој потенцираше дека на денешната средба се говорело и за сигурноста на работните места на работниците кои ги покрива СОНК и секаде онаму каде што се најавуваат реформи.
-Кратењето на наставни предмети или часовите во образованието без да се договара со СОНК не смее да има и СОНК нема да дозволи намалување на ниту едно работно место. Во однос на воведување на втора смена, цениме дека предлогот на Владата е избрзан без разлика што ние сметаме дека тоа е добра идеја, меѓутоа ние како синдикат не смее да дозволиме без соодветен број на извршители за прва и втора смена да се воведува втора смена, а со тоа се плашиме и дека ќе се зголеми бројот на работни часови на воспитувачите и негувателите спротивно на законот за детска заштита, истакна Неделков.