Барселона не сакала да даде 200 милиони евра за Кутињо

Шпанскиот фудбалски гигант Барселона се откажа од доведувањето во своите редови на Филипе Кутињо од Ливерпул, откако клубот од Мерсисајд побарал за Бразилецот 200 милиони евра, изјави во саботата директорот на каталонскиот клуб Алберт Солер.

Летниот преоден рок во Шпанија заврши во петокот точно на полноќ, а Барселона не успеа на своите годинешни засилувања Усман Дембеле, Нелсон Семеду, Жерад Дефолеу и Паулињо да го придодаде и Кутињо, иако тренерот Ернесто Валверде постојано повторуваше дека сака силна екипа по заминувањето на Нејмар во Пари Сен Жермен за рекордните 222 милиони евра.

Според пишувањето на шпанските медиуми, Барселона пред крајот на рокот се обидела да го позајми и Анхел Ди Марија од ПСЖ, иако главната нивна цел и натаму бил Филипе Кутињо.

„Доцна синоќа Ливерпул соопшти дека за Кутињо бара 200 милиони евра и ние се одлучивме да се откажеме“, изјави Солер на прес-конференција.

„Ова е нова ера во фудбалот, ера којашто не ја водат клубовите. Нешто мора да се менува, ние нема да го следиме тој нов начин на разбирање на фудбалот. Не сакавме да ја ризикуваме оставината на клубот кој има 150.00 членови и кој треба да се води кохерентно и одговорно., Сега имаме пазар на кој се плаќа 50 милиони евра за голман. Ние нема да го следиме тој пазар кој можеби, сепак, целосно не скршнал од вистинскиот пат. Овој одбор нема да го доведува клубот во опасност“, додаде директорот на Барселона.