Евробаскет 2017: Русија остана стопроцентна, Србија подобра од домаќинот Турција

Во средбите од 3-то коло до Групата Д на европскиот кошаркарски шампионат во Истанбул, Литванија ја совлада Велика Британија со 97:92, Русија беше подобра од Белгија со 76:67, додека во дербито на колото Србија го надирга домаќинот Турција со 80:74.

Литванија стаса до втората победа на турнирот погодувајќи 17 од 34 обиди за „тројка“, а најефикасни беа Кристапс Порзингис со 28 и Дејвис Бертанс со 22 коша. Кај Велика Британија, која уште нема ниедна победа, најдобри беа Гејб Оласени со 23 и Кајл Џонсон со 18 поени.

Русија го задржа сторпоцентниот ефект и по мечот со Белгија, иако до победата стаса потешко од очекуваното. До средината на третата четвртина резулатот беше речиси израмнет, а на крајот Русите славеа со девет поени предност. Алексеј Швед со 20 кошеви беше најефикасниот кај Русија, додека Максим де Зеув со 15 кошеви ја предводеше Белгија којашто сега има скор од 1-2 во победи и порази.

Извонредно интересен беше дуелот меѓу Турција и Србија. Србите го контролираа резултатот во поголемиот тек од натреварот, но Турција со серија од четири „тројки“ на почетокот од четвртата четвртина стаса до водството од 61:60. Но, тоа долго не траеше бидејќи се разигра најдобриот српски кошаркар на ова првенство Богдан Богдановиќ и постигна две „тројки“ за само 15 секунди со што ја врати предноста за српската селекција. Дуелот беше неизвесен до две минути пред крајот кога на семафорот стоеше 73:70 за Србија, но тогаш „тројка“ постигна и Лучиќ кој ја одведе Србија во мирен финиш.

Богдан Богдановиќ со 17 и Стефан Јовиќ со 15 поени беа најдобри кај Србија, а Мелих Махмутоглу со 19 и Чади Осман со 15 поени кај Турција. Србија сега има скор до 2:1, а Турција е на 1:2.