Иванов на 12-от Економски форум на млади лидери во Полска

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска ќе се обрати на 12. Економскиот форум на млади лидери во Нови Сач, Полска, 0ткако во вторникот македонкиот челник порача дека Европската унија треба да го сфати 21 век и да го интегрира Балканот

Економскиот форум кој оваа година се одржува по 27. пат, претставува најголема и најреномирана конференција во Централна и Источна Европа со фокус на економијата и политиката во овој дел на континентот.

Целта на оваа иницијатива, како што информираат од Кабинетот на Иванов, е да се создаде поволна клима за развој на политичката и економската соработка во Европа.

На форумот ќе присуствуваат над 3.000 учесници од повеќе од шеесетина земји од Европа и светот.

Европа да го сфати 21 век и да ги вклучи земјите кои се уште се во чекалната за да можеме заедно да настапуваме како континент, а не како Европска унија, порача во вторникот претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов на отворањето на 27. Економски форум, што се одржува во полскиот град Крињица-Здруј, говорејќи на тема „Незавршена интеграција – аспирации на европските земји“.

Иванов, како што соопшти неговиот Кабинет, на форумот посочил дека на Македонија, поради двојните стандарди, ѝ се скратува правото на просперитет.

„Македонија е единствен пример на земја кандидат за ЕУ од која се бара нешто што не е побарано од никој досегашен кандидат. Се ускратува правото на човечко достоинство и правото на самоидентификација. Да го користите името кое самите сте го одбрале и сите ве именуваат. Но, тоа е билатерално прашање и проблемот е што ЕУ дозволува една членка да ја злоупотребува Унијата, да блокира просперитет на нас, а и на целиот регион“, рече претседателот Иванов, додавајќи дека најголемиот дел од населението во Македонија сака да биде во ЕУ и покрај тоа што се случува во Унијата.

Европа нема да исчезне, но ќе стане безначајна ако не се прилагоди на предизвиците од 21 век, истакна шефот на државата, потенцирајќи ја потребата од интеграција со цел заеднички да се решаваат проблемите на европскиот континент, кои државите не можат индивидуално да ги решат.

Македонија сака да биде дел од таа Европа на 21. век, а не Европа на 20. век кога членки на ЕУ го злоупотребуваат своето членство да ги блокираат процесите на интегрирање на целиот регион во еден отворен простор кој би носел мир и просперитет, порача шефот на државата.

Европската унија, за жал, се уште не е Европа, потенцираше Иванов, додавајќи дека кога сите земји од Балканот ќе станат дел од ЕУ, тогаш ЕУ ќе може да зборува во името на целиот континент.

Зборувајќи за мигрантската криза и придонесот на нашата земја, Иванов посочи дека Македонија и денес ја држи затворена Балканската рута и изрази благодарност до Полска и до земјите од Вишеградската група за поддршката нивната полиција во справување со илегалната миграција.

„Се покажа дека Македонија, иако е мала земја, може да биде од интерес за ЕУ. Во 2015 година кога ЕУ беше неподготвена за бранот мигранти, Македонија не чекаше директиви од Брисел, туку сама носеше одлуки и ги спроведуваше. Тогаш Македонија беше можеби најсуверена земја на континентот, бидејќи сама одлучи да го регулира прво протокот на мигранти, да ги одвои економските мигранти од бегалците, да направи разлика помеѓу хуманитарниот аспект на мигрантската криза и помошта што им е неопходна на бегалците од војните од Блискиот Исток, но и да ги селектира економските мигранти, кои го користеа бегалскиот бран да најдат подобар живот во ЕУ“, рече претседателот Иванов.

Во однос на бранот мигранти и растечката исламофобија во Европа, Иванов посочи дека македонското искуство може да послужи како решение кое ќе биде од корист за многу европски земји.

„Во ЕУ владее исламофобија, но ние имаме шест века искуство со исламот и тие искуства можат да бидат од корист за земјите кои примија мигранти, кои се со исламска вероисповест. Тие луѓе не го бараат европскиот концепт на толеранција, туку бараат почит, бараат внимание, бараат да бидат интегрирани, а не асимилирани. Во овој брз свет мора да се има трпение, мора да се сослуша другиот, да се почитува неговата различност и да биде вклучен а не исклучен“, рече Иванов.

Европа поучена од 2015 година, како што додаде, мора превентивно да делува и да ги вклучат земјите кои не се членки на Унијата но се земји на европскиот континент. – Неопходно е на Балканот да му се овозможи да има европска перспектива и да ги почувствува благодетите на ЕУ, вели Иванов.

Како влијателна членка на ЕУ, претседателот Иванов истакна дека очекува силна поддршка од Полска за целосна интеграција на Западниот Балкан во ЕУ.

На официјалното отворање, покрај македонскиот претседател, се обрати и грузискиот претседател Гиорги Маргвелашвили, како и претседателот на Полска Анджеј Дуда.

Претседателот Дуда порача дека Полска ќе биде адвокат на интеграцијата на земјите кандидати во ЕУ. Тој смета дека најголема грешка ќе биде ако се затворат вратите на Европската Унија и оцени дека проширувањето носи додадена вредност на ЕУ.

На Економскиот форум во Крињица насловен како „Проект Европа – кој е рецептот за следната деценија?“, присуствуваат над 3.000 учесници од повеќе од шеесетина земји од Европа и светот.

 

Подоцна во вторникот Иванов, во рамки на работната посета на Полска, во Крињица-Здруј оствари средба со претседателот Анджеј Дуда.

На средбата, како што информираат од кабинетот на претседателот, двајцата соговорници размениле мислења за севкупните билатерални односи меѓу Македонија и Полска, при што било оценето дека двете земји имаат одлични политички односи и соработка во бројни области. Во таа насока, претседателот Иванов оценил дека одбележувањето на 25 годишнината од воспоставувањето на билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Полска во 2018 година ќе биде добра можност за подигнување на нивото на соработка, вклучително преку реализација на официјална средба, како и реализација на бизнис-форум на кој ќе бидат разгледани можностите за интензивирање на економската соработка и зголемување на трговската размена.

Претседателите размениле мислења за европските и евроатлантските перспективи на регионот. Во тој контекст, македонскиот претседател изразил очекување Полска да помогне во деблокирањето на евроинтегративниот процес на Македонија.

„Интеграцијата во Европската Унија и во НАТО останува основен надворешно – политички приоритет на Република Македонија. Отворањето на пристапните преговори со Европската унија ќе даде силен импулс за натамошна трансформација на македонското општество и ќе биде најдобар одговор пред предизвиците со кои се соочува земјата. Како одговорен член на меѓународната заедница и земја кандидат за членство во НАТО, Република Македонија веќе се однесува како de facto член на НАТО, давајќи активен придонес во мировните операции на Алијансата. Членството на Република Македонија во Алијансата е одамна заслужено“, посочил претседателот Иванов на средбата.

Полскиот претседател Дуда нагласил дека Република Полска секогаш ги поддржува европските и евроатлантските апсирации на Република Македонија.

На средбата претседателот Иванов истакнал дека Република Македонија исклучително ја цени поддршката што земјите од Вишеградската група ја дава за земјата во рамки на институциите на ЕУ. Македонскиот претседател изразил благодарност за помошта од Полска во менаџирањето на мигрантската и бегалска криза и за понудената помош во справувањето со последиците со поплавите во скопскиот регион во 2016 година. Иванов го реафирмирал и интересот за развој на соработката во одбраната.