Со над 400 реализирани проекти, градоначалникот на Штип, Илчо Захариев го завршува овој мандат. Минативе 4 години градот го претвори во место посакувано за живеење, работеше деноноќно, постојано на терен меѓу сограѓаните.
Поради силната посветеност, работливост и одличните резултати, ВМРО-ДПМНЕ му даде поддршка на Захариев да биде кандидат за градоначалник и на претстојните локални избори.
– Зад себе оставам над 400 реализирани проекти. Секој од нив, од најмалиот до најголемиот, од најевтиниот до најскапиот, сите тие имаат свое значење. И за мене, но и за граѓаните. Особено кога се во прашање основните егзистенцијални услови од инфраструктурата. Асфалтиравме над 140 улици во градот и селата. По повеќе од пет децении, речиси и да нема село кое остана без пристап и асфалтирани улици, без чешма и мини-плоштад. Од Сарчиево и Врсаково, преку Пухче, Селце и Суво Грло, Шашаварлија и Долани до Горачино и Мантово. И сите други помеѓу нив. Од Врсаково и Драгоево, до Чардаклија и Три Чешми кои добија асфалт по неколку десетина години. При тоа, не правев разлика. За мене сите граѓани се исти без оглед дали живеат на село или во центарот на Штип. Сите имаат право на подобар живот, сите имаат право на пат, водовод или канализација. Воводовод и канализација добија населби кои на ова чекаа речиси пола век. Македонка, Балканска, Чардаклија, Железничка…сите тие со своите проблеми, сите тие со нашите решенија. Нов мултимедијален центар, уредено корито на река Отиња, пешачка патека зад градскиот Исар, реконструиран Дом на млади, мултифункционални и тениски игралишта, паркови и реконструиран пазар и бања Кежовица… листата на реализирани проекти е навистина голема. Некој ќе каже малку е…некој ќе каже многу е. Факт е дека секогаш ќе има задоволни и незадоволни. Лично, самиот знам дека секогаш може повеќе и секогаш се стремам кон совршенство, но на тој пат не треба да се потценуваат ресурсите, бидејќи без нив тешко дека ќе стигнеме онаму каде што сакаме. Најблиските соработници, пред се моето семејство, знаат најдобро колку се вложив во овој град. Колку проблеми се решени, со колку луѓе е разговарано, на колку штипјани им дадов поддршка, помош а понекогаш и утеха која може да не подигне од најтешките мисли. Кога ќе се свртам назад, задоволен сум од сите потези, проекти и активности. Изградивме многу и не постои нешто што би ме убедил во спротивното. Впрочем, не е важно што мислам јас, туку најважно е мислењето на моите сограѓани. Тие ми ја дадоа поддршката со која станав Градоначалник и тие ќе го имаат финалниот збор кога ќе треба да се вреднуваат и оценуваат моите дела, истакна Захариев во својот отчет за сработеното во периодот 2013-2017.