Успехот за развојот на Прилеп произлегува од идеите на граѓаните

 

Со 65 отсто неасфалтирани улици, без соодветна канализациона и водоводна мрежа, без паркови и зеленило, град на пропаднати фирми, руинирани фабрички хали, со огромна армија на невработени, град на безнадежност и безизлезност, град кого странците го одминуваа, денес после 12 години гордост е да се биде прилепчанец. Денес Прилеп е еден од најубаво уредените градови во Р.Македонија – вели Марјан Ристески, градоначалник на Општина Прилеп и кандидат за нов градоначалнички мандат во своето интервју за КУРИР.

 

Г-дин Ристески, 12 години сте градоначалник на Прилеп. Градот во овој изминат период факт е дека урбано и инфраструктурно се променува, се развива и надополнува. Како гледате на Прилеп денес ?

Градот е жива материја и секогаш треба да се следи неговото движење. Има проекти кои се реализираат, има кои чекаат реализација, а во меѓувреме мораме да ги следиме и модерните текови и потребите на граѓаните. Заедно со нив и од нив, од граѓаните, во овие изминати 12 години добиваме многу идеи во секојдневната комуникација ( имаме проект „Ден на идеи“ ,„Отворен ден за граѓаните“, посета на УЗ… ) за различни проекти. 90 % од проектите кои се реализирани во Општина Прилеп, морам да признаам дека се произлезени од идеите на самите граѓани. Затоа велам дека градот е жива материја која постојано се обновува и треба да се следат условите, барањата и потребите на граѓаните.

Затоа, се она што е успех на овој градот не е само мој личен успех, како градоначалник на Општина Прилеп и на Јавните комунални претпријатија, туку тоа е успех на целиот град, успех на моите сограѓани, чии идеи се вградени во голем дел од проекти кои ги направи локалната самоуправа во овие изминати 12 години.

ОД КАСАБА ДО УРБАН ГРАД

Ако погледнете од една друга инстанца, од пред 10 или 12 години прилепчани се срамеа од изгледот на својот градот. Тој претставуваше една запуштена касаба, оставена на забот на времето, без уредено централно градско подрачје, со 65 % неасфалтирани улици, без соодветна канализациона и водоводна мрежа, кога домаќинставата со денови остануваа без вода за пиење и за одржување на личната хигиена и полнеа вода од цистерни, град без паркови и зеленило, валкан град, град на пропаднати фирми, руинирани фабрички хали, град со огромна армија на невработени,околу 40 илјади невработени лица, град на безнадежност и безизлезност, град кого странците го одминуваа, а прилепчаните кои се иселени не сакаа да се вратат во него.

Денес после 12 години сликата на Прилеп значително е променета. Денес е гордост да се биде прилепчанец во секој поглед. Денес Прилеп е еден убаво уреден град. Градот е центар на многу случувања, општествено – економски, културни, спротски, музички…,

Прилеп повеќе нема проблеми со водоснабдувањето. Кога ова лето многу градови во Македонија, останаа без вода за пиење, Прилеп со мали рестрикции, поради снабдување со вода во повисоките делови на градот, успеа на тие високи темератури, граѓаните да не ги остави без вода. Кога се намали издашноста на изворот „Студенчица“ ги вклучивме и бунарите, кои ги изградивме, за дополнително снабдување на градот, со што водата, можеби беше со полош квалитет, но беше исправна и ја имаше во домаќинствата. Не го оставивме Прилеп без вода!

Денес Прилеп има чисти улици, многу зелени парковски површини, детски игралишта многу асфалтирани улици, уредено централно градско подрачје …

Прилеп денес е честа дестинација на голем број туристи кои доаѓаат и го посетуваат и навистина е гордост да се живее во овој град. Дури и другите градови ни завидуваат, што претставува задоволство за сите нас кои работиме во изградбата и развивањето на Прилеп за да тој прерасне во еден модерен, европски град.

НАМАЛУВАЊЕ НА НЕВРАБОТЕНОСТА ПРИОРИТЕТ НА ОПШТИНАТА

Невработеноста е она што најмногу ги тишти граѓаните? Што направи градот на ова поле, да ја намали невработеноста и да отвори нови работни места? Создадени ли се услови за подобар економски развој на Прилеп и подобар животен стандард за граѓаните?

Тоа беше наш најголем приоритет како локална самоуправа. Најчестите барања од нашите сограѓани беа токму вработувањата. Сите други проблеми на граѓаните, некако беа потиснати, како во втор план. Меѓутоа денес овој најгорлив проблем, постепено го анулираме и ја намаливме невработеноста.

ТИРЗ – безцаринска зона. Имавме лош Генерален урбанистички план ( ГУП ) кој го наследивме и не беше од инвестиционен карактер и беше кочница за сите развојни програми и инвестиции во градот. Како локална самоуправа моравме да работиме напорно за создавање на нов ГУП, зголемен за 40/50% од предходниот, со што се направија нови површини наменети за индустриски зони, за изградба на нови индустриски капацитети, фабрики, погони… Заедно со предходната Влада, создадовме еден прекрасен проект за градот и Р. Македонија, бесцаринската зона, ТИРЗ, која се изгради во близина на с. Алинци. Се вложија повеќе милиони евра, се направи планот и резултат на една таква активност е тоа што денес таму се наоѓа едно големо градилиште каде се градат нови фабрики и нови погони. Фирмата „Гентерм“ која ја донесовме пред две години веќе има вработено околу 1.500 лица, а крајната бројка ќе биде над 2.000.

Интензивно се гради германската фабрика „ВИК“, која треба да почне со работа до крајот на оваа година, каде исто би имало 1.500 нови вработувања. Во оваа индустриска зона се наоѓа и фирмата „Акомпласт“ која на 21-ви септември ќе има и официјално отворање и во која се планира да се вработат околу 200 лица. Исто така постои интерес и на други компании кои сакаат да инвестираат во градот, во оваа зона и да отворат нови работни места. Ние бевме во преговори со две/три странски копмании, но тие преговори, поради одност на новата Влада кон странските компании мислам се запрени, со што градот ќе биде оштетен со повеќе илјади нови вработувања.

Инвестиции на домашни компании. Но, ние не оставивме само простор за странските инвестиции. Голем интерес посветивме и на домашното стопанство, на македонските копмании. Преку редовните контакти со Регионалната Стопанска комора, економските совети, во повеќе наврати во СКМ бевме посочувани како позитивен пример на град, каде локалната самоуправа има одлична соработка со домашните компании и стопанственици. А, како резултат на тоа се легализираа речиси сите објекти на компаниите, кои со години наназад немаа имотен лист за своите стопански објекти. Со тој имотен лист, компаниите веќе можат полесно да добијат кредит од банките за развивање на својот бизнис, за купување на нова технологија, отворање на нови работни места.

А, легализацијата на објектите беше огромна можност и за урбанизирање на целиот град. Таа преставува еден од најпозитивните закони што било кога некоја Влада ги има донесено. Во соработка со компаниите изработивме и многу Детални урбанистички планови, вклучувајчи го тука и ГУП и создадовме многу индустриски зони. Интересот на голем број домашни компании беше да се создадат услови за инвестирање кои ќе ги понуди Општината.

Економска зона „Прилеп 1“. Така се случи и распродажбата на 21 парцела во економската зона „Прилеп 1, каде што постојано никнуваат нови погони на домашните компании. Веќе пет фабрики се во функција, пет се градат, четири имаат одобрение за градба и тоа ќе биде прекрасна индустриска зона која ќе претставува пример во Македонија, како треба да изгледа една индустриска зона. Во неа, како локална самоуправа, вложивме 100-тици илјади евра за инфраструктура, за да им излеземе во пресрет на фирмите кои градат таму, Изградивме улици, тротоари, канализациона и водоводна мрежа, поставивме улично осветлување, донесовме електрична енергија итн. И, како што се градат фабриките ние ги следиме комплетно со инфраструктура. Стопанствениците се задоволни, а оние кои не биле на тој простор се чудат, како може за толку краток период да никне една таква урбанизирана индустриска зона. Денес сите стопанственици кои купиле локации во индустриската заона „Прилеп1“ се задоволни што инвестирале тука. Моментално само во таа економска зона „Прилеп 1“ врабоени се околу 400 до 500 лица, а откако ќе бидат изградени сите објекти, кога зоната ќе работи со полн капацитет, тука вработување ќе најдат околу 1.500 невработени лица.

Индустриска зона „Прилеп 2“. Моментално се продаваат локации и во индустриската зона „Прилеп 2“ наменета за незагадувачката индустрија. Пет парцели веќе се продадени, 10 се подговени за продажба, меѓутоа процесот беше запрен заради распишувањето на локалните избори. Но, по завршувањето на изборите и тие парцели ќе бидат продадени, затоа што интересот е голем.

Економска зона „Прилеп 3“. По барање на приватните лица подготвуваме и нова економска зона „Прилеп 3“. Тоа се приватни парцели, кои се наоѓаат во близина на компанијата „Жито Прилеп“, и чии сопственици не можеа да ги претворат во погони и фабрики оти тоа не беше предвидено со ГУП, па им излеговме во пресрет со вклопување на тој простор во ДУП и формирање на индустриска зона. Така што денес тука секој кој е сопственик на плац може да гради или да го продаде на заинтересиран инвеститор.

Во меѓувреме работиме на уште две индустриски зони, кои се лоцирани во близина на поранешен „Црн Бор“, на стариот пат за Битола, каде што има огромни хектари државно земјиште кои влегоа во ДУП и до Нова година градот ќе биде подготвен со 100-тина хектари нови локации наменети за домашните и странските компании.

Во Прилеп се гради и новиот трговски центар, на местото на млечниот пазар, се издадоа локации за изградба на станбени објекти со деловен простор, се градат спортски објекти, а сето тоа значи стопански развој на градот, урбанизација на Прилеп и поквалитетно живеење на нашите граѓани.

После 12 години нова „слика“ добија населените места

Доста се инвестираше и во населените места . 10-тици милиони евра беа инвестирани и во населните места за инфраструктурно уредување и подобрување на животот во село, што никогаш не било направено. Селата некогаш беа буквано заборавени, оставени на забот на времето. Денеска сите „живи“ села со над 150 /200 жители, имаат асфалтиран пат, водоводоводна мрежа, реконстуирани училишта, детски игралишта со паркови, некаде имаме изградено и плоштади, улично осветлување, некаде има канализациона мрежа итн. Така што навистина постои една трасфорамција, нова слика во прилепските села, која е создадена со макотрпна работа во овие 12 години на локалната самоуправа, Јавните комунални претпријатија и и бизнис секторот.

ИНФРАСТРУКТУРЕН РАЗВОЈ-ПАТНА ИНФРАСТРУКТУРА

Колку е важна патната инфраструктура за економски развој на еден град? Што прави или направи Прилеп на овој план? Имаме ли тука добри резултати?

Патот Прилеп-Градско . Еден од најубавите проекти кој го започна предходната Влада и кој се реализира е експресниот пат Прилеп – Градско, односно превојот Плетвар, кој беше црна точка не само за градот туку и за цела Пелагонија. Моментално се работи на овој патен правец и се надевам дека ќе се продолжи да се работи, бидејќи недомна беше стопирана изградбата од неразбирливи причини. Како и да е, гледам дека продолжува да се гради и тоа е добро за развојот на градот и целиот регион.

Гасификација. Но, ние започнавме и уште еден капитален проект кој во иднина треба да се релизира за развој на нашиот град, а тоа е гасоводот. И, тој проект од неразбирливи причини е запрен. Копањето и поставувањето на главната гасоводна цевка дојде до с. Беловодица и требаше во овој период да го премине Плетвар и да стигне до градот. Меѓутоа и тој проект е стопиран. Останува да се надеваме дека во иднина ќе продолжи, бидејќи ние како локална самоуправа размислуваме за физибилити студија за создавање на секундарна мрежа за гасификација на целиот град и фирмите, кој по изградбата на гасоводот би имал голем бенефит од користење на евтин енергенс за потребите на целиот град.

Патишта во Општината. Кога станува збор за патната инфраструктура, во овој изминат период изградивме патна инфраструктура од 200 км, вклучувајќи тука магистрални, регионални и локални патишта на територијата на Општина Прилеп, но асфалтиравме и улици во градот и населените места. Градот од над 65% неасфалтирани улици сега го сведовме на само 7 % неасфалтирани улици. Значи остануваат уште некои помали улици за асфалтирање. Дел од улиците беа оставени поради изградбата и реконструкцијата на канализационата и водоводна мрежа, меѓутоа до крајот на годинава, односно до почетокот на наредната, Прилеп нема да има неасфалтирана улица. Во наредниот период ќе треба да размислуваме само на реконструкции на веќе асфалтираните улици.

Пречистителна станица и реконструкција на мрежата. Сепак, најголемиот проект во Македонија кој го има добиено еден град е токму реконструкцијата на канализационата и водоводната мрежа и изградбата на пречистителна станица, прв проект што некоја општина во Македонија го добила со средства од ЕУ и дел од Владата, вреден околу 28 милиони евра. Проектот е при крај. Треба за неколку месеци да биде завршен. При крај е изградбата на канализационите системи, таму каде што улиците се раскопани локалната самоуправа ги враќа во првобитната состојба и се надевам дека со интензивирање на работата на пречистителната станица ќе биде завршен и тој проект за да може овие канализациони системи да бидат вклучени во пречистителната станица.
Градска река. Потоа размислуваме за уште еден крупен проект, кој одамна го планираме како локална самоуправа, но не можевме да го остваримве поради немање на пречистелна станица и колектори на градската река. Градската река повеќе беше канализациона мрежа отколку река. Но, сега со изградбата на колекторите и пречистителната станица градската река ќе биде чиста и Прилеп ќе ја има една од најчистите реки во Македонија. Па, наредениот капитален проект на локалната самоуправа ќе биде комплетно уредување на коритото на градската река, со убаво партерно уредување, со зеленило, парковски површини, велосипедски и пешачки патеки, проширување на одредени делови од коритото, изградба на нови мостови на реката, пристап до речното корито… Моментално, се работи на средување на кејските ѕидови од малото мовче кон базенот и од мостот нас. „Димо Наредниот“ кон нас. „Сточен пазар“. Исто така се изгради и уште еден крупен проект вреден 300 илјади евра, регулација на речното корито, на вливот на реката во градското подрачје, а истиот проект ќе се направи на реката и кај нас. „Димо Наредникот“.

Прилеп несомнено доби многу зеленило, многу парковски и детски содржини, но и пешачки патеки, пешачки зони, пешачки мостови, тротоарни површини… ? Локалната власт инвестираше голем дел од буџетските средства за ваквите градски проекти ? Некои беа критикувани од опозицијата, некои беа пофалувани од граѓаните, но овие проекти му дадоа нов белег на Прилеп.

Плоштади. Прилеп продолжи со уредување на централното градско подрачје. Изградивме преубави плоштади: „Александрија“, „Арт Плоштадот“, „Методија Андонов –Ченто“, плоштад околу Градскиот саат, се уредија пешачки цветни патеки…Но, во иднина нема да се концентрираме само на централното градско подрачје. Еден од наредните проекти кој го планираме за инвестирање во наредниот буџет е изградба на плоштад околу црквата „Св. Благовештение“ или Стара Црква со што централното градско подрачје би го поврзале со другата страна на реката, се со цел целиот тој простор да биде уреден со пешачки зони.

Парковите пријатно место за сите генреации. Прилеп има изградено околу 200 илјади метри квадратни зелени парковски површини. Но, предходно избушивме 30-тина бунари со техничка вода, за нивно одржување и полевање, што е услов за добри, убави, зелени површини, така што сме меѓу првите градови што го решивме овој проблем со полевањето на зелните површини и нивото одржување. Така никнаа преубави паркови.

Како симбол на градот, се уреди и раззелени Могилата на Непобедените, која стана рекреативен центар и најпосетувано место во градот. Потоа се уреди парковска површина долга 1,5 км. на ул „5-та Прилепска Бригада“, се уреди парковска површина 30 илјади метри квадратни во нас. Точила, со преубави водни површини, детски игралишта, патеки, клупи за одмор. Моментално се уредуваат парковските површини во нас. Точила 2 кај ООУ „Блаже Конески“, а потоа парковски ќе се уредува просторот во Точила 3, кај црквата „Св. Петка“, со што ќе се комплетира целиот овој простор во најнаселената населбата во Прилеп, Точила.

Се уредија и сите парковски површини во централното градско подрачје, во нас. „Димо Нареникот“, се изгради игралиште во нас. „Рид“ во близина на ООУ „Кочо Рацин“ ,парк кај театарот, планиран е парк кај Врбенско мало, завршен е паркот во населбата над ООУ „Гоце Делечв“, моментално се средува парковската површина во населбата „Ѓогдере“ и во контекст на ова се обидуваме секаде каде има простор на овие површини да направиме и детски и спортски игралишта, за да може тоа место да биде пријатно катче за сите генерации.

Имаме направено преку 40 такви забавни катчиња во различни делови на градот, меѓутоа не ги изоставивме населените места. Секое поголемо населно место доби вакви паркови, а годинава парковски површини со детски игралишта доби Кадино село, Галичани, Беровци, Лагово….

Пред 12 години во Прилеп немаше ниту една парковска површина, ниту едно детско игралиште.

За љубителите на куќните миленици. Следен парк е за љубителите на куќни миленичиња, кој ќе биде изграден во близина на Паркот на револуцијата-Могила, кој се надевам ќе биде од големо задоволство на сите оние кои имаат домашни миленичиња, да можат да ги шетаат и да не им сметаат на останатите граѓани. Ова стана потреба за градот. Значи новото време бара и нови содржини и зата реков градот е жива материја и како локална самоуправа треба да одговараме на новите текови кои го носат времето со нови проекти.

ВЛОЖУВАЊЕ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО – ВЛОЖУВАЊЕ ВО ИДНИНАТА НА ДЕЦАТА

Често потенцирате дека градот треба да вложува во иднината на младите. Квалитетното образование зависи од квалитетен кадар, но и од квалитетните услови за работа во образовните институции ? Во вашите интервјуа истакнувате дека овие 12 години вложени се 12 милион евра во реконструкција на училиштата во Прилеп и населените места, во изградебата на спортски училишни сали и детски градинки… беа ли потребни толку средства во оваа сфера ?!

Несомнено да, бидејќи да се потсетиме какви само беа училиштата пред 12 години кога се децентрализира образованието?! Руинирани, стари училници, со искршени клупи, стара неефикасна дограма, со стари пампури за загревање на училниците, лоши санитарни јазли, без спортски сали во повеќето од нив, не уредени професорски кабинети … И, како пример само: подрачното ООУ „Блаже Конески“ во Варош, не беше реконстурирано од 1924 година, неполн век, подрачното ООУ „Кочо Рацин“ во нас. „Рид“, не беше реновирано од 1925 година, ООУ „Климент Охридски“ каде има паралека со деца со посебни потреби, не беше реконстуирано од 1926 год. Училиштето „Страшо Пинџур“ во Мало Коњари не беше реконструирано од 1926 год., сега комплетно е реконстуирано, но и сите останати училишта, основни и средни, не беа реконструирани повеќе од 30, 40 па и 50 години. Ниту една инвестиција во нив. Беше срам да се каже дека ова се нашите образовни институции!

Затоа, најприоритетно на оваа локална самоуправа и на Министерство за образование и наука на Р. Македонија, од предходната Влада, со кое редовно комунициравме, беше итно да се направат чекори за реконструкција на сите училишта на територијата на Општина Прилеп. Дури и училишта во кое имаше само три деца, како што беше училиштето во с. Бонче (сега има пет ученици), ние го реконструиравме комплетно.

Значи, следуваше една голема инвестиција во образованието сите овие 12 години. Знаевме дека наеднаш не можеме сите училишта да ги реконструираме и одлучивме тоа да го правиме по фази. Секоја година, во секое училиште внесувавме по еден, два или три нови проекти.

Прилеп ги има едни од најубавите и најмодерни училишта во Р. Македонија

Денес сликата со училиштата?! Одоговорно тврдам Прилеп има едни од најубавите и најмодерни училишта во Р. Македонија. Преку 12 милиони евра се инвестирани во сите училишта, основни и средни, вклучувајќи ги и оние во населените места и музичкото основно училиште, кое не беше реконструирано од 1926 год. Сите училишта добиа комплетна трансформација и од внатре и од надвор.

Со овој процес на уредување на училиштата и понатаму ќе продолжиме, бидејќи образованието е жива материја во која треба континуирано да се вложува. Со постојаното вложување во образованието ние вложуваме во нашите деца. Тие во училиштата го стекнуваат темелот на своите знаењата, а ние треба да им создадеме добри услови да го постигнат тоа. Ако имаме психофизички здрави деца, потковани со знаење, проблем во иднина нема да има ниту Прилеп, ниту Р. Македонија.Тие се нашата иднина!

Затоа потенцирам дека најдрагите проекти, кои ми биле во моите мандати, биле проектите, односно инвестирањето во образованието.

Наредни проекти се доуредување на дворните места во училиштата и изградба на енергетски ефикасни фасади за сите училишта, а во населените места ќе се поставуваат системи за греење, се со цел не само да се создаваат попријатни услови за работа, туку и да обезбедиме енергетска ефикасност во училишта и заштеда на електричната енергија .

Нови училишта и градинки

Изградивме и нови училишта. Се изградија нови училиште во населените места: Чепигово, Беровци, Галичани… Се отворија и градинки во населените места. Моментално се гради еден капитален проект со енергетска ефикасна фасада, со соларни панели, важен за децата од нас. „Жабино мало“ и нас. „Сточен Пазар“, основно училиште за нивните потреби, исклучиво со средства од буџетот на локалната самоуправа. Капацитетот на училиштето е за 100-тина деца, наменето за тој реон од градот.
Имаме четири градинки чии капацитети не ги задоволуваат барањата и потребите. Порано и немаше толкави барања за сместување на децата од предшколска возраст во градинка. Меѓутоа во овие 4-5 години се создаде огромна потреба за сместување на деца во предшколски установи и покрај намалениот наталитет. Анализите кои ги направивме говорат дека модерниот начин на живеење, ниската цена на услуга во градинките, но и отворањето на нови работни места, каде двајцата родители сега рабоат во фабриките и погоние кои се отворија во Прилеп, ја наметна потребата за сместување на децата во предшколски установи. И во тој поглед ние направивме проширување на капацитетите за околу 250 деца. Се направи градинка во т.н. „Работнички универзитет“, за 100 деца, се прошири комплексот во градинката „Бончејца“ за 100-тина деца, а при крај се градежните работи во ООУ „Рампо Левката“, каде долниот спрат ќе прерасне во една убава градинка за100-тина деца од тој дел на градот.
Изградивме, за прв пат во историјата на Прилеп , градинки и во населените места. Се направија градинка во с. Тополчни, с. Канатларци, с. Беровци и с. Големо Коњари.
Во програмата е изградба на градинка во нас. Точила, каде би се згрижиле од 400 до 500 деца, со што Прилеп би го решил проблемот со прешколските установи.

Неколку капитални проекти, создадоа нов лик на градот : покривање на градскиот пазар, формирање на јавен градски превоз, изградба на капела, фабрика за прерабока на отпад, катна гаража, нова автобуска станица…. Колку овие проекти беа важни за граѓаните на Прилеп ?!

Идеите доаѓаа од граѓаните, затоа сите јавни претпријатија направија одлични инвестиции. ЈП „Пазари“ вложи во препокривање на градскиот пазар.

Прв пат во Прилеп се воведе јавен градски превоз. До крајот на годината ќе настојуваме да земеме и нови автобуси на лизинг, за подобар јавен превоз. Ќе се воведат нови линии кон Тризла, Типските ќуќи, но и се планира да се воведат и нови линии на јавниот градски превоз кон населените места, тополчанскиот и мариовскиот крај.

ЈКП „Водовод и Канализација“ прерасна во едно модерно јавно претпријатие, кое им овозможува на граѓаните квалитетна вода за пиење. Секоја година ги менуваат застарените канализациони и азбесни водоводни цевки и ги заменуваат со нови, а се подготвува и пречистителната станица.

ЈКП „Комуналец“ одлично ја одржува хигиената во градот и Прилеп е еден од најчистите градови во Македонија. Први воведовме примарна селекција на отпадот. Поделивме 25.000 нови корпи за отпадоци во дамаќинствата, нови контејнери за селектирање на отпадот, поставивме и подземни контејнери во пазарот. Први сме во Македонија кои градиме фабрика за преработка на отпадот и компостара, каде добивме неповратни средства од европските фондови за прекугранична соработка. Го решивме проблемот со депонијата и немаме проблеми со отпадот како што го имаат градовите Гостивар, Тетово, Струга и други градови во Македонија. Прилеп претставува пример на град за донесување на правилни решенија за зачувување на животната средина.

Имаме одлично – функционална ТППЕ – Прилеп, која се справуваше успешно со сите оние намерни и ненамерни предизвикани шумски и други пожари. ТППЕ доби нова станица. Постојано се опремува и доопремува со нова опрема, а во иднина и со нови возила.

Прилеп доби нова автобуска станица, а се реконструира и железничката станица после еден век.

Несомнено и спортот е важна алка во општественото живеење, а локалната самоуправа дава неизмерна поддршка во оваа сфера. Преку алтернативните спортови Прилеп се најде и на мапата на интересна туристичка дестинација за болдеринг, параглајдинг, планинарски велосипедизам и маратон, мотоциклизам… Но градот вложува доста и во актуелните спортови како фудбал, ракомет… се со цел поттикнување на младата популција да биде спортски и рекреативно активна.

Во интерес на спортот и спористите се изградија многу спортски објекти. Благодарение на поддршката на бизнис секторот се активираа и двата најпопуларни спорта во градот, фудбалот и ракометот, со активирање на ФК „Победа“ и формирање на РК „Прилеп“. Се изградија 4 нови спортски сали, две нови тениски игралишта, над 10 мултинаменски игралишта, две балон сали, стадион со вештачка трева, два стадиони за голем фудбал, а моментално интензивно се работи на комплетна реконструкција на градскиот стадион „Гоце Делчев“, со средства обезбедени од УЕФА преку ФФМ и дел од локалната самоуправа, кој ќе прерасне во еден од најубавите спортски фудбалски објекти во Македонија.

Голем број на културни манифестации и спортски настани, се дел од случувањата во Прилеп, не од локален карактер, туку од светски, меѓународни размери. Прилеп е центар на екстремните спортови и е на туристичката мапа за туристите кои ги сакаат овие спортови. Културните манифестации го издигнаа градот на пиедесталот на фестивалски град за да го посетуваа туристи. И ред други работи кои се случуваат со помош на оваа локална самоуправа, некогаш повеќе, некогаш со помал интензитет, но во континуитет, без разлика на политичките, економските кризи и ни носат многу гости, што е пак добор за локалната економија, за развој на прилепската чаршијата.

Од идеите на граѓаните – книга – отчет за работењето на локалната власт !

Во книгата се внесени резултатите од работењето на локалната самоуправа и се внесени проектите од четиригодишното работење, меѓутоа овие проекти се од граѓаните на Општина Прилеп, нивни идеи, кои се добиени преку контактот со невладини организации, средби со граѓани, родители, со преставници на УЗ, пензионери, со членовите на боречката организација, стопанската комора, бизнис секторот… Сите тие проекти се преточени и се реализирани во реални проекти во градот, што пак го издигнуваат Прилеп во една од најуспешните општини во Р. Македонија. Отчетот на локалната самоуправа за 2013-2017 година ќе биде дистрибуиран до сите граѓаните на Прилеп.
За уште еден месец граѓаните повторно ќе имаа можност да бираат градоначалник и нов состав на Совет. Во пресрет на локалните избори кои се закажани за 15-ти октомври добивте нова доверба од вашата партијата ВМРО-ДПМНЕ да бидете кандидат за градоначалник за Прилеп. Вие веќе го одработувате вашиот трет мандат. Кои се вашите очекувања за следен мандат и кој е предизвикот повторно да биде на листата на кандидати за прв човек на градот?

Би сакал да се заблагодарам на мојата матична партија, ВМРО-ДПМНЕ, што повторно ми ја даде довербата. Но, пред да донесе одлука, се правеа голем број анализи и сондажи на граѓаните на Општина Прилеп и радува фактот што и покрај 12 години огромна е поддршката од нив, не само кон мене, туку и кон локалната самоуправа во целост. И оттука произлезе номинацијата за четврт мандат на претстојните локални избори.

Ние сме подготвени, ја знаеме проблематиката на градот, проблемите кои ги тиштат граѓаните, така што се надевам дека ќе ја добиеме повторно довербата на граѓаните, за да продолжиме да работиме во создавањето на еден преубав Прилеп, кој е гордост денес на сите прилепчани.

Инаку, функцијата градоначалник е една од потешките функции, бидејќи секогаш сте во директен контакт со граѓаните, секогаш треба да се одговори на барањата на граѓаните, иако ние не сме волшебници да можеме да средиме се одеднаш, од нешто што не било средено со векови и децении наназад. Меѓутоа, резултатите и видливите проекти кои се реализираат сите овие години, го прават градот еден од најубавите градови на Балканот. Сите оние кои го посетиле Прилеп се восхитуваат на неговиот развој и сето тоа ни дава поттик да продолжиме да работиме уште повеќе, и нормално во доверба со граѓаните, да создаваме нови проекти во интерес на градот.

Оваа градоначалничка функција е изложена и на позитивни и на негативни критики. За жал овие 12 години опозицијата не најде за сходно да пофали некој од сите овие реализирани проекти. Од нив ние само добивавме критики. Но, нормално е опозицијата да критикува, зашто не сме ние идеални, секој што работи може и да греши, да е предвидено и да не е реализирано, имавме и политичка криза овие две години и застој во реализирањето на голем број одобрени проекти. Како на пример проектот авенијата од „Солидност“ до мостот „Табана“ и до „Плетварец“, со кружен тек, кој е закочен поради сите овие двегодишни политички случувања и избори. Но, по локалните избри ќе се објават тендерите и овој групен проектот ќе продолжи да се реализира. Вакви инвестиции има многу, но во овој рок поради законските прописи поврзани со изборите се запрени и многу други, а и инвеститорите се прашуваат дали со ваква Влада да инвестираат во Македонија.

Како политичар и човек кој 12 години менаџира со една голема урбана општина како ги оценувате првите 100 дена од работатана новата Влада? Колку е важна поврзаноста на централната со локалната власт за успешен развој на опшината?

Централната и локалната власт се различни, но меѓусебно поврзани. Локалната власт е поблиску до ѓраѓаните и може да им излези во пресрет во решавање на нивните секојдневни потреби. Меѓутоа за одредени активности локалната власт треба да има поддршка од централната власт.

Во овие 100 дена Влада на СДСМ и нивните коалициони партнери се што беше ветено пред граѓаните буквално не е ни почнато да се реализира. Само празни муабетења, составени од фалби од фиктивни ветувања за првите 100 дена од работењето на оваа Влада. Во овој период од оваа Влада видовме само многу негативни работи во однос на Прилеп, во однос на Р. Македонија. Еден понижувачки договор со соседна Бугарија, каде ние прилепчаните сме најмногу погодени, бидејќи со тој договор е погазена таа анифашистичка борба против фашистичкиот окупатор, каде бројни прилепчани го дале својот живот во тие борби, а Прилеп бил стожер на таа револуционерна борба. Град херој, град со најмногу загинати луѓе во анифашистичката војна, со најмногу народни херои, со споменик, Могила на непобедените, каде што лежат коските на нашите предци, убиени токму од тој фашистички окупатор, а сега историјата се превртува.

И јас, како и другите, сметам дека треба да се има соживот со соседите, но треба да се има и меѓусебно почитување, почитување на посебноста на секој народ на Балканот, на неговата историја. На Балканот можеби ни се испреплетени историите, но секој народ си има своја посебност, свој идентитет, своја историја, а секој сосед треба да ја почитува историјата, идентитетот на другите, како што и ние треба тоа да го почитуваме тоа кај нашите соседи.

Меѓутоа со ова што се направи, тоа за мене е едно големо понижување на Македонија, на Македонскиот народ, а посебно на прилепчани и Прилеп, како град Херој.

Втора неправда е Законот за јазици кој е влезен во процедура. Она што ние го кажувавме пред парламентарните избори, дека со овој закон ќе се воведе двојазичност на целата територија на Р. Македонија, тоа и официјално сега се реализира. Иако, некоиј беа скептици, велејќи дека тоа нема да се реализира, еве практиката покажува дека тоа е така, што не е во интерес на зачувувањето на интегритетот и суверенитетот на Р. Македонија.

Ние имаме и други националности: ромска популација, влашка, турска, српска итн, и ова не е во интерес на останатите националности кои живеат во Р. Македонија, бидејќи со овој закон им се дава ексклузивно право само на една националност. Иако, тоа сакаат да го прикажат дека не е така, тоа е така.

Исто тоа важи и за стратегијата за интегрирање на странци, мигранти, бегалци, која беше прикажана од Владата и Министерството за труд и социјална политика. Побараа мислење од општините преку ЗЕЛС за тоа дали имаат општините локации за изградба на социјални згради, бегалски кампови, во кои би биле сместени мигранти. Такво писмо доби и Општина Прилеп, за мислење, што значи неминовен е фактот и намерата на оваа Влада за изградба на бегалски кампови и носење на мигранти во одредени градови во Македонија, во кој е вклучен и Прилеп. Следуваше реакција на сите граѓани преку иницијатива за спроведување на референдум преку кој граѓаните на Прилеп би се изјасниле дали се подготвени да прифатат повеќе илјадници бегалци во својата општина или би ја отфрлиле таа иницијатива на Владата која што сака наголемо да се спроведи.

Иако, велат дека тоа е лага, „нема да се спроведи“, меѓутоа самиот наслов „стратегијата за интегрирање на бегалци, странци, мигранти“ говори дека треба тие луѓе да се интегрираат, да се вклопат во општеството. А тоа значи давање право за државјанство, обезбедување на образование, здравствена заштита, покрив над главата, социјална заштита, приоритет при вработување итн. Тоа би било погубно за Македонија. Не дека не сочувствуваме со тие луѓе, навистина имаат големи проблеми, меѓутоа Македонија ниту е економски моќна, ниту пак има услови за згрижување на толкава бројка бегалци, мигранти кои доаѓаат од кризните подрачја на Сирија, Авганистан…

Иако, несакам да помислам дека може и тоа да се случи, сепак сето она што досега се спроведува во политиката на новата Влада на Р. Македонија, укажува и на тоа дека при крајот на годината треба да се реши и еден проблем кој што 25 години притиска, посебно од соседна Грција, а тоа е промената на уставното име на нашата држава, чие решение ќе биде погубно за опстанокот на Р. Македонија.

И тоа се ефектите на владеењето на оваа Влада. За подобрување на живеењето на граѓаните не слушнав ништо, освен спречувањето на одредени капитални проекти во интерес на градот, прикажување на се она што е изградено дека не чини, дека не е квалитетно, дека има некакви криминалини дела, обвинувања…, ништо конкретно за подобрување на живеењето на граѓани.

Прилеп се подготвува за националниот празник „11-ти Октомври“, ден на почетокот на антифашистичката борба на Македонскиот народ , ден кога Македонија ја донесе одлуката да пристапи кон страната на прогресивното човештво и да се бори против фашизмот. Денот на Македонското востание „11 Октомври“ е датум кој потсетува и обврзува и е сведоштво за вековните стремежи, народни страдања и борба за слобода и независна држава. Прилеп, градот од каде започна оваа идеја, традиционално секоја година го одбележува овој ден.
Најпрвин сакам да им го честитам празникот на моите сограѓани, но и на сите Македоници. „11-ти Октомври“ претставува значаен празник за македонскиот народа. Денот кога пукна првата пуша во Прилеп, започна и револуционерно движење против вековните ропства за слобода, правда и создавање на македонска држава. Прилеп и прилепчани секогаш несебично застанувале на браникот на Татковината, а овој град многу дал за слободата на Македонија. Градот Херој и оваа година достојно ќе го одбележи „11-ти Октомври“, Денот на македонското антифашистичко востание, кој не е само празник на Прилеп, туку значаен празник на Р. Македонија.