Милчин обвинува за конфликт на интереси во случајот на Рашковски

Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, мора да знае што е конфликт на интереси и што е непотизам, премиерот Зоран Заев е на потег, вели поранешниот прв човек на соросовата фондација, Владимир Милчин, откако во јавноста излезе на виделина скандалот дека кумашинот на Рашковски регистрирал адвокатска фирма пред само два месеца.

Дејан Костиќ, кумашин на генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, е дел од адвокатското друштво КВЦ (Костиќ, Велковски и Цветаноска) кое е ангажирано за адвокатски услуги на неколку владини институции, пишува НоваТВ, која открива дека ова адвокатско друштво е формирано пред неполни два месеца, на 27-ми јули годинава, а по само неколку дена добива повеќе ангажмани од владини институции.

Основачи на Адвокатското друштво КВЦ се Дејан Костиќ, Велимир Велковски и Теодора Цветаноска. Рашковски му е венчан кум на Костиќ, кој претходно бил самостоен адвокат од 2014 година сѐ до денот кога станал дел од адвокатското друштво. И Велимир Велковски во изминатите седум години бил самостоен адвокат, а Теодора Цветаноска има 27 години и од јули годинава станала партнер на двајцата адвокати.

Костиќ за НоваТВ вели дека при изборот на Адвокатското друштво КВЦ од Владата нема никакви законски пречки или судир на интереси и бара од политичките партии да не ја политизираат работата на нивната канцеларија и да не се употребува за дневно–политички цели.

Покрај просдсмовскиот портал кој објави дека кумашинот на Рашковски регистрирал адвокатска фирма пред два месеца, по владиниот генерален секретар удри дури и поранешниот прв човек на соросовата фондација, Владимир Милчин, кој порачува дека Рашковски мора да знае што е конфликт на интереси и што е непотизам.

„Ова укажува на конфликт на интереси. Функционер на Владата ја користи својата функција за да му овозможи на свој близок да остварува финансиска добивка од Буџетот на Владата. Како правник, Рашковски мора да знае што е конфликт на интереси и што е непотизам“, коментира Владимир Милчин и додава дека сега Заев е на потег.