Николовски за 100 дена не сработи ништо, па мораше да се фали со нашите проекти и мерки

Хаос во земјоделието, разочарани и револтирани земјоделци, слаб откуп на земјоделски производи е резултатот од министерувањето на најнеспособниот министер Љупчо Николовски, а додека земјоделците протестираа и родот го фрлаа на ѓубриштата, министерот за земјоделство Љупчо Николовски шеташе по луксузните туристички места низ светот, велат во соопштението од неделата од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата обвинуваат дека околу 10.000 хектари шума изгореа низ Македонија и човечки животи беа загрозени, а министерот Николовски не се осмелил да излезе на терен и да помогне во справувањето со пожарите.

„Љупчо Николовски на својот отчет немаше што да каже дека сработил за сто дена од неговото министерување па мораше да се фали со мерките и проектите на ВМРО-ДПМНЕ. Во отчетот Николовски излажа дека ги зголемиле субвенциите за замјоделците, бидејќи со ребалансот на Буџетот за 2017-та изгласан од пратениците на СДС износот за субвенции беше намален за 100 милиони денари. Субвенциите не се целосно исплатени, а рокот за исплата на субвенциите за 2016 година беше до крајот на јуни месец оваа година“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од најбројната партија во Собранието велат дека Николовски е најмногу загрижен за партиските вработувања во неговото министерство.

„Додека кратеше од секоја ставка за доброто на секој земјоделец, единствено каде што има покачување со Ребалансот на Буџетот е во ставката за вработување на министерството. Граѓаните го гледаат ова неодговорно работење од Владата на СДС и тие својот суд за ваквото расипничко владеење ќе го дадат на 15 октомври, каде што СДС ќе доживее катастрофален пораз на престојните локални избори“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ