СДСМ лаже, континуирано бесрамно и на очиглед на сите. СДСМ како за сѐ досега излажа, и уште еднаш докажа дека нивните зборови не се ништо освен празни ветувања. СДСМ ги излажа младите и во изминатите сто дена не направи ништо со што би им се подобрил животот, изјави пред Владата во неделата Оливер Пап од Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.
Пап потсети дека СДСМ на младите им ветуваше младинска гаранција и сигурност, но само како предизборна реторика. Потенцираше оти иднината на државата, односно младите се измамени и разорчарани од предизборните лаги и манипулации на СДСМ.
„Стефан Богоев и Ивана Туфегџиќ седнаа во собраниските фотелји и ги добија посакуваните функции како и финансиски бенефиции и заборавија на ветувањата кои ги имаа кон младите. Поминаа сто дена од неспособната влада на СДС, а за младите нема ни буква од загарантираните вработувања. Проектот Младинска гаранција кој го ветуваа СДС магично го снема“, изјави Пап.
Рече дека СДСМ вети дека од Буџетот ќе одвои 8,8 милиони евра за овој проект, за младите да останат во државата. Според него, не само што не ги одвоиле овие пари со ребалансот, туку напротив скратиле 1,5 милијарди денари наменети за образование со новиот ребаланс, ставка која е од витално значење за младите и иднината на државата.
„Македонија секојдневно ги живее лагите на СДС и Зоран Заев, младите секојдневно живеат во една голема лага. На јавноста веќе одамна и е јасно дека гаранцијата дадена од СДС не вреди ништо, зборот на Заев, Богоев и Туфегџиќ не вреди ништо. Младите на 15-ти октомври нема да го дадат својот глас за лагите и манипулациите на СДС. Младите нема повторно да дозволат да бидат излажани од Заев и СДС“, порача Пап.