
Маж на триесет и осумгодишна возраст во неделата вечерта се пријавил во полициската станица Чаир дека е извршител на убиството на 27-годишната скопјанка Сенада Р. кое изутрината се случи во Гостивар.
Од МВР информираат дека станува збор за Б. Г. (38) кој претходно било во вонбрачна врска со починатата, а од прибавените докази во текот на денот, скопјанецот е единствен осомничен. Тој во текот на вечерта по извршениот разговор бил пренесен во Гостивар.
Според гостиварското основно обвинителство причините за смртта на жената која беше пронајдена вчера на крак на улицата „Иво Лола Рибар“ во Гостивар повреди нанесени со остар предмет.
По извршениот увид, јавниот обвинител утврди дека починатата има убодни рани по телото и дека станува збор за насилна смрт. Несреќната жена била неколкупати прободена со остар предмет во градите, стомакот и вратот, најверојатно со нож. Телото е дадено на обдукција, а се вештачат трагите кои биле на местото на настанот.
Засега не се знаат мотивите за крвавиот настан. Јавниот обвинител информираше дека испитувајќи ги околностите, констатирано е дека починатата жена во последните пет месеци живеела во Гостивар каде се преселила од Скопје поради нарушени односи со партнерот од вонбрачната врска. По насока на јавното обвинителство, истражено е местото на живеење на поранешниот партнер на сега починатата, при што е пронајдено возилото и истото е дадено на вештачање.