Компанијата Google објави дека за аквизиција за секторот за паметни телефони на тајванската компанија HTC, којашто го развива памениот телефон Pixel на Google, ќе плати 1,1 милијарда долари во готовина, што претставува најнов потег на оваа американска ИТ фирма во производството на хардвер.
„За Google овој договор дополнително ја зајакнува посветеноста на паметните телефони и на севкупното вложување во растечкото хардверско работење“, се истакнува во соопштението на Google кој е дел од компанијата Alphabet.
Со договорот Google ќе добие и неекслкузивна лиценца за интелектуалната сопственост на HTC. Преостанатиот дел од работењето во секторот на тајванската компанија со паметни телефони ќе продолжи со работа.
Веќе подолг период HTC е партнер на Google, а некои аналитичари проценуваат дека паметниот телефон Pixel сочинува 20 отсто од испораките на паметните телефони на тајванскиот произведувач.
Меѓутоа, тајванската компанија, којашто своевремено на глобалниот пазар продаваше 10 отсто од паметните телефони, увидела дека пазарниот удел остро ѝ паѓа поради жестоката конкуренција на Apple, Samsung и кинеските производители. Уделот на паметните телефони на HTC на пазарот на глобално ниво минатата 2016 година паднал на 0,9 отсто, во однос на врвот кој во 2011 година изнесуваше 8,8 отсто, покажуваат податоците на аналитичката компанија IDC.
Телефонот Pixel на Google има помалку од 1 отсто удел откако минатата година беше лансиран на пазарот, со околу 2,8 милиони испораки, проценуваат во IDC.
Трансакцијата, којашто во моментов е предмет на регулаторни одобрувања, според очекувањата би требало да биде затворена на почетокот од 2018 година.
Овој договор претставува втор значаен чекор за Google во производството на паметни телефони. Компанијата во 2012 година ја купи Motorola Mobility за 12,5 милијарди долари и по две годни ја продаде на кинески Lenovo за помалку од 3 милијарди долари.
Другите иницијативи во областа на хардвер вклучуваат и аквизиција на произведувачот на термостати Nest за 3,2 милијарди долари во 2014 година, додека лансирањето на прозиводите вклучува паметен звучник Google Home и уред за виртуелна реалност Daydream View.