Иран ги забрани сите летови кон ирачки Курдистан

Иран објави во неделата дека до новата уредба ги забранил сите летови кон ирачки Курдистан, на барање на ирачката централна влада во Багдад, во пресрет на референдумот за самоопределување со кој ирачките Курди треба да се изјаснат за независност на оваа автономна ирачка покраина.

На барање на централната ирачка влада прекинати се сите ирански летови кон аеродромите во Ербил и Сулејманија, но и сите летови од ирачки Курдистан преку Иран, изјави Кејван Косрави, портпарол на Врховниот совет за национална безбедност.

Според извештајот на иранската официјална новинска агенција Irna, Косрави ја образложил ваквата одлука со фактот што ирачките курдски функционери не се откажале од референдумот без оглед на сите добронамерни напори од страна на Иран да се изнајде поинакво решение.

Власите во Багдад, соседните држави Иран, Турција и Сирија, како и на САД, европските земји и Обединетите нации се противат на референдумот.

Иран, каде што живеат околу 6 милиони Курди од вкупно 80 милиони население, тврди дека референдумот ќе предизвика нови судири во регионот, поради охрабрувањето на курдското население во соседните држави да организираат слични изјаснувања. Минатата 2016 година, на пример, сириските Курди самопрогласија автономна покраина на териториите кои ги населуваат но и на оние коишто ги освоија во судирите со ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава, што ја предизвика Турција воено да навлезе на сириска територија за да го спречи таквото курдско напредување по нејзината граница.

Техерана на 17-ти септември се закани дека ќе ја затвори својата граница со ирачки Курдистан и оти ќе ги поништи сите безбедносни договори со ирачки Курдистан доколку биде прогласена независност.

Иранските воздухопловни компании „Mahan Air“ и „Caspian Air“ осигуруваат повеќе редовни летови седмично кон ирачки Курдистан од разни ирански градови.

Курдските власти тврдат дека доколку добијат позитивен исход од референдумот веднаш не би следело објавување на независноста, туку таа победа би била почеток на „сериозно расправи со Багдад“.