
Во последниот натпревар од шестото коло на италијанското фудбалско првенство Фиорентина и Аталанта во Фиренца одиграа 1:1, откако претходно Интер потешко од очекувањата го совлада Џенова, а Лацио беше убедлив на гостувањето кај Верона.
Во Фиренца домаќините поведоа со прекрасниот гол на Федерико Киеза во 12 минута, а изедначи во четвртата минута од судиското продолжение Ремо Фреулер со удар од работ на казнениот простор. Аталанта можеше да изедначи уште во 62 минута, но домашниот голман Марко Спортиело го одбрани пеналот што го изведе Алехандро Гомез.
Во претходно одиграниот натпревар Интер со големи напори ја совлада Џенова со 1:0, а победата му ја донесе Данило Д’Амброзио во 88 минута. Интер доминираше во текот на целиот меч, но не успеваше да го совлада расположениот гостински голман Матија Перин. Во првото полувреме домашните беа најблиску до постигнување гол во 4 минута, кога Марсело Брозовиќ ја погоди стативата. Сепак, во 88 минута гостите капитулираа кога Д’Амброзио постигна гол по нафрлување од корнер. Гостите во финишот останаа без двајца исклучени играчи. Во 90 минута беше исклучен Степан Омеонга, а во втората минута од судиското продолжение и Адек Таарабт.
Во вториот миланско-џеновски дуела Сампдорија дома со 2:0 го совлада Милан. Головите за домашните ги постигнаа Дуван Запата во 72 минута и Рикардо Алварез во судиското продолжение.
Лацио на гостувањето ја победи Верона со 3:0, со головите на Чиро Имобиле во 24 минута од пенал и во 40 минута, и Адам Марушиќ во 60 минута.
Во саботата во градското дерби Јувентус со 4:0 го совлада Торино, додека Наполи во интересен меч со 3:2 беше подобар на гостувањето кај СПАЛ, а Рома со 3:1 го совлада Удинезе.
На табелата водат Наполи и Јувентус со по 18 бодови, додека Интер е трет со 16 бодови, а следат Лацио со 13 и Рома и Милан со по 12 бодови.