Груевски: Охрид ќе доживее ново издигнување и решавање на многу проблеми

Новата програма за наредните четири години е веќе подготвена која сите ќе може да ја прочитате, внимателно обмислена, добро пресметано за се да е во склад со финасиските можности на општината, и со нејзиното спроведување Охрид ќе доживее едно ново издигнување, и решавање на многу постоечки проблеми, истакна од вечерашниот митинг во Охрид, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски од каде Коалицијата „За подобра Македонија“ ја запозна изборната кампања.

Доктор Тилевски како долгогодишен член на ВМРО-ДПМНЕ уште од основањето, знае дека кога ВМРО-ДПМНЕ ветува, тоа мора да се исполни, но и ние го познаваме него дека е многу сериозна личност која кога ќе се нафати за некоја работа го прави тоа со сета своја чест и одговорност, посветеност и неуморно работење, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Груевски на митингoт во Охрид од каде Коалицијата „За подобра Македонија“ ја стартува изборната кампања истакна дека во изминатите четири години во општината реализирани се најголем дел од ветените проекти.

„На булевар „Туристичка“ изградивме и уредивме шест современи кружни текови во вредност од 38 милиони денари. Со тоа метежот на овој булевар посебно во летните месеци е значително намален. Се изградија повеќе пешачки рекреативни и велосипедски патеки, меѓу кои патека од каналот Студенчишта до месноста Парк во должина од 1.300 метри, нова пешачка рекреативна и велосипедска зона и нов канал на потегот од мостот Студенчишта до Билјанини извори во должина од 600 метри. Исто така, изградена е пешачка патека во должина од 2,7 километри во Стариот дел на градот која се протега од Кошишта кон Лабино и Канео, а потоа од Лабино продолжува кон Воска и Далјан. Изградена е пешачка зона и кеј покрај езерото во Пештани, посочи Груевски.

Додаде дека направена е комплетна реконструкција на повеќе улици, меѓу кои Ристо Чадо и улицата Илија Смически во Лескоец. Асфалтирана е улицата Стевче Илоски во Пештани, улицата Живко Чинго во Велгошти. Исто така, асфалтирана е улицата Радојца – Новичиќ, патот до Велестово, улицата Петрино, улицата Ѓорги Сугарев. Обновени се улиците Сирма Војвода, Богомилска, Крум Точко, Ванчо Питошески, а улицата Питу Гули како една од главните артерии на градот доби потполно нов лик. Изграден е патот помеѓу Горно и Долно Лакочереј, патот помеѓу Вапила и Сирула, асфалтиран е локалниот пат Охрид – Велестово, Елешец – Елшани, Рача – Кромидишта, Вапила-Ливоишта.

„Во рамките на спортскиот центар Билјанини Извори, Општина Охрид во соработка со Владата на Република Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ, започна со градба на затворен базен. Нешто што во Охрид се чекаше 50 години. Во овој спортски центар се изгради и мултифункционално игралиште за кошарка, ракомет и за мал фудбал, како и три игралишта за тенис. Исто така, Општина Охрид во изминатиот четиригодишен период изгради повеќенаменски игралишта во Трпејца, Подмоље, Лескајца, Лескоец, како и на улицата Крали Марко. Изградено е детско игралиште во населбата Видовишта, детско и спортско игралиште во Основното училиште Свети Климент Охридски, како и две детски игралишта покрај патеката Студенчишта-Парк. Општина Охрид со сопствени средства го изгради и уреди плоштадот во непосредна близина на Основното музичко училиште „Методи Патчев“ со површина од околу 1.000 метри. Исто така, изграден е и плоштад кај Долна порта од 400 метри квадратни, како и плоштади во населбите Горна Влашка маала, Рача и Љубаништа“, рече Груевски.

Посочи и дека направена е комплетна атмосферска канализација за целата населба Далјан како и целосно асфалтирање на улиците Миќа Гилиќ, Трајче Трајчески и Сатеска во населбата Далјан.

„Изградена е нова фекална и атмосферска канализација на улиците Стив Наумов и Ристо Чадо. Исто така, Општина Охрид набави пет најсовремени комунални возила за потребите на Јавното претпријатие Комуналец во вредност од над 18 милиони денари. Во Елшани е изграден нов водоводен систем и резервоар за вода. Изградена е нова водоводна линија во Рача и Горица, како и на улиците Будва, Петрино, Крум Точко, Лазо Трпоски, Ванчо Питошески и Мирче Ацев“, потенцираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Груевски истакна и дека отворени се четири детски градинки во населените места Радојца Новичиќ, Пештани, Велгошти и Лескоец.