Груевски: СДСМ на 15-ти октомври нема да се спаси од референдумот на народот

На 15-ти октомври имаме локални избори, но истовремено и референдум. Можеби со драконски и незаконски владини забрани ќе се спасат од референдумите за мигранти, но нема да се спасат од референдумот на народот, референдумот за новата ера и новото утро за Македонија кое доаѓа, кое никој не може да го задржи, зад кое стои овој народ и луѓето кои веќе направија споредби, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на вечерашниот митинг кој се одржа во Охрид од каде Коалицијата „За подобра Македонија“ ја започна изборната кампања.

„Охриѓани нема да ја пропуштат шансата да го одберат доктор Митко Тилевски за градски татко, а целиот народ има единствена можност на 15-ти октомври да каже што мисли за она што ѝ се случува на Македонија, за хаосот, за безредието, за неспособноста, за лажењето, за неисполнувањето на ветеното, за манипулирањето, за хајките, за злоупотребите од новата власт, за договорот со Бугарија, за неуставните закони со кои се манипулира, за криминалите и тендерите на газдите во владата, за беснеењето, за начинот како наумиле да се реши името, за колапсот на економијата, за начинот како избраа претседател на Собранието на Република Македонија и како избраа влада, за одењето спротивно на волјата на народот, за потценувањето на нашата, на вашата интелегенција и интегритетот, за новосоздадениот хаос во здравството, безидејноста и незаинтересираноста за решавањето на проблемите, за помрачувањето кое и се случи на Македонија. Ќе се изберат градоаначалници и советници, но народот ќе го каже своето мислење за сето она што и се случува на Македонија“, исткана Груевски.

Додаде дека во исто време, народот ќе може да се искаже и за новата визија, на енергетизираното, освежено и реорганизирано ВМРО-ДПМНЕ.

„За новата енергија која доаѓа со нова ера, која носи 150.000 нови работни места, повисоки плати, пензии, субвенции, поквалитетно образование, здравство, и екологија, посилна демократија, членство во ЕУ и НАТО. Нова ера која носи нови успеси и нови победи, и која може да ја исполни само оној кој вели и живее со тоа, секогаш работа, секогаш Македонија“, потенцираше Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека „од пусти гнев и инает“ да запрат сè што направила партијата што ја предводи, политичките опонентни ја запреле економијата и немаат никаков план како да продолжат

„Ветуваа дека економијата ќе расте, а прометот во индустријата падна за 9 проценти, извозот падна за 12 проценти, девизните резерви се намалија за над 170 милиони долари, а еве и гувернерот објави дека годинава наместо планираниот раст на економијата, ќе имаме намалување на економијата и рецесија“, рече Груевски на митингот во Охрид.

„Откако стапнаа во владата нов странски инветитор не стапна во земјата, а од домашните инвеститори само еден покажа дека произвел нов автобус, за подоцна цела јавност да види дека и тоа било голема измама и дека таа фабрика одамна не работи, дека нема работници,нема вработени, и дека автобусот без тронка срам го донеле за овој кој ќе ни носеше живот да влезе во него со новинарите и да покаже дека животот доаѓа. Брука и срамота. Но и жалосно истовремено. Нека отидат во Ван хол да видат што е фабрика за автобуси донесена од ВМРО –ДПМНЕ. Нека отидат и во штипска Актива која се изггради од домашен инвеститор за да биде партнер и да изработува делови за Ван Хол. Нека дојдат во ОДВ Електрик во Охрид, и во Костал во Охрид, да видат што значи да ветиш, да работиш и да исполниш ветување“, рече Груевски.

Потсети како во најголемиот ек на политичката криза, кои патем кажано тие ја наметнаа, рече Груевски, економијата растеше, инвеститори доаѓаа и отвораа нови работни места.

„Се отвораа фабрики, се градеше, се создаваше, се решаваа проблемите на граѓаните. Целиот овој пад на економијата почнува токму откако се формираше новата влада. И тоа воопшто не е изненадување. Како може да непаѓа економијата кога јавно објавија дека ќе ги зголемат даноците и придонесите, давачките кон државата и на работниците и на фирмите. Како може да непаѓа економијата кога цело лето ги оставија земјоделците сами на себе, кои не знаеја дали поправо да се справуваат и што да прават со своите производи кои скапуваа, или да се борат со пожарите да не ги изгорат додека владата цело лето бареше што ручал некој поранешен министер, во кој хотел престоувал кога бил на службен пат и додека незаконски ги разрешуваа поранешните директори за да донесат тешки аматери, некомпетентни кадри, партиски послушници и луѓе кои се истакнале во боењето на државните објекти“, рече Груевски.

Груевски праша како може да не паѓа економијата кога ги запреа без малку сите градежни проекти во државата, трите автопати, клиничкиот центар во Скопје, се пренаменија и парите предвидени за театарот во Охрид, училишта, градиники и останато.

„Од пусти гнев и инает, да запрат сѐ што ВМРО започнало, ја запреа економијата и немаат никаков план како да продолжат. Како може да не паѓа економијата кога сите компании видоа дека дојде рекетарска екипа на власт, и кон странските инвеститори кои отвораат нови работни места се однесуваат како кон непожелни натрапници. Од овие причини, зборуваа а не правеа реформи, додека тие ја лажеа јавноста дека имале средба и разговори со претседателот Трамп, а целата јавност виде само попатно ракување, додека се мачеа како да се спречат рефередумите за спречување на населување на мигранти низ општините, бидејки дале такво ветување кон надвор, додека прифаќаа штетни меѓудржавни договори со кои се откажаа и од јазикот и од историјата и од македонскотото малцинство во Бугарија, додека ни правеа организирани хајки и политички прогони и мислеа дека со тоа ќе не уништат и деградираат. Додека ги правеа сите овие работри, ние тоа време го искористивме за други цели“, рече Груевски.

Додаде дека направиле анализи за тоа каде биле нивните слабости и пропусти и да ги корегираат, да направат кадровско освежување во раководството, да ја зацврстат партијата како народна и конзервативна партија, и како граѓанска десница.

„Да подготвиме детални и одлично обмислени програми за секоја општина за кои консултиравме многу луѓе и експерти, но и имајки во обзир дека владата е тотално дезориентирана и фокусирана на тоа како да го смени името, бидејќи е свесна дека за тоа е донесена на власт, додека тие ја тонеа економијата, ние седнавме и направивме нов документ со кој што после се што се случи нудиме една нова визија, нова ера на Македонија, нова ера за напредок и успеси на Македонија во наредната декада“, рече Груевски.

Според него опонентите на ВМРО-ДПМНЕ се свесни дека ако нешто не излажат или не направат некоја далавера, ќе загубат на овие избори во Охрид, како и во најголем дел од Македонија ќе загубат на овие избори и тие се свесни за тоа.

„Затоа очекувајте сега да ветуваат сѐ и сешто. Познати се по тоа, и фала богу што се познати, ама и по неисполнувањето на ветувањата. Сѐ што сакате да чуете ќе ви ветат само за да го добијат вашиот глас на следните избори, а потоа ќе има живот ама само за нив, како што е еве веќе 4 месеци низ цела Македонија. Си ги вдомија партиските кадри, шарените платеници, се изнаместија по фотељите, станаа функционери, а најголем дел од ветувањата на народот ги заборавија. Го заборавија ни народот“, рече Груевски.

Ветуваа дека секој млад човек штом заврши високо образование најкасно за шест месеци ќе се вработи. Сега наместо тоа, рече Груевски, нешто мумлаат за некаква пракса на волонтерска основа, ама и од тоа нема ништо.

„Ветуваа 500 километри автопатишта во Македонија, а и оние кои се градеа ги запреа под разни изговори кои се невистинити, само за потоа по две години да ги прикажат како свои дела. Така е и со автопатот Охрид Кичево кој повеќе од пола е завршен, и ќе беше целосно готов до април-мај ако не го запреа. Така е и со измамата дека сите ќе имат 500 евра просечна плата, а еве го два месеци по ред просечната плата според заводот за статистика каде поставија нивни директор, се намалува“, рече Груевски.