За Белата куќа апсурдно е тврдењето дека е објавена војна на Северна Кореја

Портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс/ © AP Photo/Evan Vucci

САД не ѝ објавиле војна на Северна Кореја, изјави во понеделникот портпаролката на Белата куќа, откако севернокорејскиот министер за надворешни работи го обвини американскиот претседател Доналд Трамп дека со острите пораки за Пјонгјанг всушност објавил војна.

„Не сме ѝ прогласиле војна на Северна Кореја и, искрено говорејќи, тоа тврдење е апсурдно“, изјави портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс.

Одговори и на заканите дека Северна Кореја би можела да ги собори американските борбени авиони.

„Никогаш не е добро некоја држава да урива авион на друга држава во меѓународен воздушен простор“, додаде Сандерс.

Министерот за надворешни работи на Северна Кореја, Ри Јонг-хо во понеделникот изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп ѝ објавил војна на Северна Кореја, како и дека Пјонгјанг има право да преземе противмерки, вклучително и соборување на американски бомбардери дури и кога не го надлетуваат воздушниот простор на оваа земја.

„Целиот свет би требало да запамети дека САД први ѝ објавија војна на нашата земја. Откако Соединетите држави ѝ објавија војна на нашата држава, наше целосно право е да возвратиме со противмерки, вклучително и соборување на американските бомбардери, дури и кога не го надлетуваат севернокорејскиот воздушен простор“, предупреди Ри во разговорот со новинарите во Њујорк.

Изјавата на шефот на севернокорејската дипломатија е дадена непосредно пред неговото заминување од Њујорк каде што минатата седмица учествуваше во работата на Генералното собрание на Обединетите нации.

„Во атмосферата на објавата на војна од Трамп, сите опции ќе видат на масата на врховното водство на Демократска Народна Република Кореја“, истакна Ри.

Американските бомбардери во придружба на ловци во саботата летаа по должината на севернокорејскиот источен брег во непосредна близина на демилитаризираната зона, со цел да демонстрираат решителност за воена опција којашто им стои на располагање на САД доколку има каква и да е закана по нивната или безбедноста на нивните регионални сојузници.

Пентагон објави дека летот е извршен во северниот дел на демилитаризираната зона меѓу двете Кореи во кој досега ниеден американски борбен авиони или бомбардер не летал во овој век.