Курдите гласаа на референдумот за независност на ирачки Курдистан

Курдите во понеделникот масовно гласаа на референдумот за независност на автономниот регион ирачки Курдистан, пренебрегнувајќи ги притисоците од централната влада на Ирак, заканите од Турција и Иран, како и предупредувањата од меѓународната заедница дека овој потег може да потпали уште еден судир во и онака разорениот од дологодишните војни регион.

Одѕивот меѓу 5,2 милиони гласали изнесувал 78 отсто, објави во вторникот утрото курдскиот медиумски сервис Rudav чиешто седиште е во Ербил, центарот на автономната покраина ирачки Курдистан, и најави дека комисијата за одржување на референдумот ќе ги обајви резултатите од гласањето во рок од три дена.

Од гласачите се бараше да одговорат на прашањето: „Дали сакаат Курдистанскиот регион и курдистанските краишта надвор од регионот да станат независна држава?“, а се очекува дека резултати ќе покажат големо мнозинство потврдни одговори.

Рефереднумот не е обврзувачки, во прв ред наменет е да го потврди мандатот на лидерот на курдската регионална влада Масуд Барзани, за водење преговори за независност на оваа со нафта богата покраина, но и области кои се надвор од неа а за кои ирачките Курди сметаат дека им припаѓаат.

За ирачките Курди, дел од најголмата етничка група којашто остана без држава откако пред еден век пропадна Османлиското царство, референдумот претставува понуда за историска можноста да се изјаснат за независност и покрај интензивниот меѓународен притисок.

„Ги видовме најлошите работи, видовме неправди, убисава и блокади“, изјавил за Reuters Талат чекајќи да гласа во регионалниот главен град Ербил, додека група жени во традиционалните шарени курдски здолништа излегувала од училиштето покажувајќи ги своите прсти со траги од мастило, знак дека гласале.

Во селото Шеик Амир, во близина на линијата на боиштетот западно од Ербил, биле забележливи долги редови на борци кои чекале да гласаат во зграда којашто некогаш била училиште. Повеќето од зградата излегувале насмеани, покажувајќи ги прстите измачкани со мастило. Во етнички мешаниот град Киркук, Курдите пееле и танцувале додека заминувале на гласачките места.

Меѓутоа, курдскиот референдум предизвика сосема спротивно расположение во остатокот од Ирак, како и во околните држави, каде што живеат значителни курдски заедници.

Ирачкиот премиер Хајдер ал-Абади на државната телевизија изјави дека курдскиот референдум е „неуставен“ и порача дека ирачката влада нема да го прифати резултатот од гласањето, како ниту меѓународната заедница.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, пак, најави скоро затворање на копнената граница кон ирачки Курдистан и се закани со запирање на извозот на нафта преку Турција.