Русија ги уништи последните резерви хемиско оружје

Меѓународната организација за забрана на хемиското оружје (OPCW) го поздрави во средата уништувањето на последните резерви хемиско оружје во Русија, наследство од Студената војна, и ѝ честиташе на Москва на овој чекор.

За разлика од Русија, САД одредија нов рок до 2023 година за целосно уништување на своите резерви хемиско оружје.

„Завршувањето на програмата за надзор на уништувањето на хемиското оружје во Русија е важна етапа кон остварување на целите на Конвенцијата за хемиското оружје. Преостанатиот дел од рускиот хемиски арсенал уништен е во комплексот за уништување на хемиското оружје Кизнер, во Република Удмуртија“, оцени во писмената изјава директорот на OPCW, Ахмет Узумчу.

Станува збор за „последниот од седумте комплекси за уништување на хемиското оружје во Русија кој е сѐ уште активен“, додека останатите се затворени во периодот од 2005 до 2015 година.

Рускиот претседател Владимир Путин објави дека Русија во среда ќе уништи вкупно 39.967 тони хемиско оружје. „Последните резерви хемиско оружје од рускиот арсенал ќе бидат денеска уништени“, изјави Путин во Москва.

„Ѝ честитам на Русија и на сите нејзини стручњаци кои учествуваа во тоа на нивниот професионализам и доследност“, порача Узумчу.

Русија и САД се обврзаа дека ќе ги уништат резервите од хемиско оружје до април 2012 година на основа на Конвенцијата за забрана на хемиското оружје од 1997 година, но тој рок досега не успеаја да го испочитуваат.