
Повеќето Американци не го одобруваат клечењето на играчите на американскиот фудбал на едно колено додека се интонира американската химна, но не им се допаѓа ниту реакцијата на претседателот Доналд Трамп на бранот протести меѓу спортистите, покажуваат две анкети објавени во петокот.
Во анкетата за телевизиска мрежа CBS News 52 отсто од испитаниците рекле дека не го одобруваат јавното искажување на несогласувањето во текот на интонирањето на американската химна „Знамето накитено со ѕвезди“, а 38 отсто го мислат спротивното.
Меѓутоа, во друго истражување на јавното мнение кое го нарачало телевизијата CNN, 49 од испитаниците велат дека играчите кои протестираат клечејќи на колено во текот на химната за да го изразат својот политички став „постапуваат лошо“, а 43 отсто сметаат дека тоа е „добра одлука“.
Со тој чин инаку играчите го осудуваат полициското насилство над црниците. Поранешниот играч на Сан Франциско, Колин Кајперник предизвика поделени реакци во 2016 година кога не стана на химната, туку наместо тоа клекна во знак на протест против полициското насилство на афроамериканците. Истото тоа го сторија пред нивните натпревари уште неколку играчи.
Според овие анкети, реакциите се разликуваат зависно од политичката припадност. Така, 67 отсто демократите во анкетата на CBS News го одобруваат овој чин на играчите, а 85 отсто од републиканците не го одобруваат. Слични се и податоците и во анкетата на CNN.
Американскиот претседател Доналд Трамп неодамна ги разгневи спортистите забележувајќи им на оние коишто клечат дека имаат недостиг од патриотизам непочитувајќи ја националната химна и нарекувајќи ги „курвини синови“ кои сопствениците треба да ги избркаат од клубовите.
Така, 48 од испитаниците во анкетата на CBS News велат дека ги осудуваат изјавите на Трамп, а 38 отсто ги одобруваат. Во анкетата на CNN, 60 отсто не ги одобруваат, а ги одобруваат 34 отсто.
Крајно, 63 отсто од анкетираните велат дека нема да ги бојкотираат натпреварите, преносите и продукцијата на Националната фудбалска лига (NLF), а 24 отсто го велат спротивното.
Анкетата на CNN е спроведена меѓу 1.037 испитаници со маргина на грешка од плус/минус 3,5 отсто. Анкетата на CBS News, пак, е спроведена меѓу 1.355 Американци и нејзината маргина на грешка е 3,8 процентни поени.