Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за општина Прилеп, Марјан Ристески истакна дека во периодот од 2005-та, па до 2016-та година во ЈКП „Пазари“ беа инвестирани 25.000.000 денари со кои Јавното комунално претпијатие обезбедени современи услови за работа.
Тој потсети на важни проекти кои беа реализирани во изминатиот период.
„Покриен е централниот градски пазар каде се продаваат зелени производи, поплочен е стариот градски пазар со бекатон плочки. Избушен е бунар на длабочина од 40 метри од кој се мие површината во внатрешноста на пазарот со техничка вода, извршена е реконструкција на целокуната водоводна мрежа во рамките на пазарот. Поставен е лед-дисплеј на влезот од пазарот на кој граѓаните ќе можат да ги следат сите активности на пазарот. Осветлен и покриен е целиот текстилен пазар, изградени се нови деловни објекти на местото на старите и руинирани објекти на просторот околу зелениот пазар и многу други објекти, се поставија нови подземни контејнери првпат во историјата на Прилеп“, рече градоначалникот.
Ристески пред прилепчани истакна дека во новата програма предвидува нови проекти за прилепскиот пазар.
„Пазарот во Прилеп во иднина ќе произведува електрична енергија. Тој ќе биде покриен со фотоволтаични панели кои ќе бидат поставени на површина од 1.000 м2 и ќе произведуваат електрична енеригија од 130 киловати на час. На пазарот му се потребни само 10, што значи со остатокот може да се осветлува целата стара чаршија. Со што во иднина ќе се заштедуваат трошоци за електрична енергија како за пазарот така и за централното градско подрачје. Реновирање на стари дуќани на потегот околу текстилниот пазар со површина од 200 метри квадратни, ќе се допокрие и преостанатиот непокриен дел од пазарот во површина од 200 метри квадратни, ќе се заменат постојните светилки за осветлување во пазарот со штедливи и поефикасни лед светилки. Посебен дел од пазарот ќе биде наменет за продажба на сертифицирана органска храна, посебен дел од пазарот ќе биде наменет за продажба на занаетчиско –слаткарски производи, со електрични возила ќе се врши дотур на стока до тезгите на закупците и дуќаните во центарот на градот. Ќе се реновираат просториите на Управната зграда на ЈКП ,,Пазари“ –Прилеп“, истакна тој.
Ристески потенцира дека Прилеп го има еден од најуредените и најубави пазари во Македонија.
„Со сите овие нови проекти во наредните 4 години Прилеп ќе го има првиот економско-енергетски ефикасен пазар по примерот на сите европски центри. Гласајте за број 13, гласајте за Прилеп да продолжи да биде трговски центар во југо-западниот дел на Македонија“, порача Ристески.