Напаѓачот во Марсеј убил две жени со повик „Алаху акбар“

Две жени се убиени со нож, а нивниот напаѓач потоа е смртно застрелан од војници во неделата на главната железничка станица во Марсеј, а полицијата смета дека станува збор за терористички напад.

Три полициски извори за агенцијата AFP изјавиле дека осомничениот извикувал „Алаху акбар“ (Господ е голем) во текот на нападот. Други поединости засега не се познати.

Една жена изјавила за Reuters дека видела како напаѓачот вади нож од ракавот и напаѓа една млада девојка и потоа и друга жена, извикувајќи „Алаху акбар“. Напаѓачот потоа го убиле француски војници кои биле во патрола во близина.

Полициски извор рекол дека на едната жертва ѝ е пресечен гркланот, додека другата била прободена во стомакот.

„Воопштено гледано, избегнавме такви напади во Марсеј. Мислам дека безбедносните сили реагирале многу брзо. Тешко е да се стори повеќе бидејќи кога гледате дека оддалеченоста меѓу двете тела и напаѓачот е само 10 метри, значи дека интервенирале брзо“, изјави за телевизијата BFM TV од местото на настанот челникот на префектурата Ренод Миселие.

Осомничениот за нападот веќе им бил познат на властите за разни кривични дела, објави подоцна извор од француската полиција, кој додал дека инцидентот го третираат како „веројатен терористички чин“.

Францускиот претседател Емануел Макрон во врска со нападот на Twitter изрази огорченост од „варварскиот чин“, притоа пофалувајќи ја брзата реакција на безбедносните сил, вклучително и војници од Операцијата Сентинел којашто е покрената поради ваквите случаи од почетокот на 2015 година.