Жестоки критики и исклучително бурни реакции и сето тоа поради изложба. За јужниот сосед и натаму голема провокација претставува не само употребата на нашето уставно име, туку и заштитата и промоција на македонското културно и историско наследство.
Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, грчкиот печат и интернет порталите како нова провокација од Скопје која што ќе ги отстрани и најмалите можности за наоѓање на решение за името, ја претставува најавената постојана изложба во Музејот на Македонија, посветена на егзодусот на Македонците и децата бегалци од Егејска Македонија во периодот на граѓанската војна.
Весникот “Прототема” и дел од интернет порталите информираат дека во рамките на изложбата која што ќе биде отворена кон средината на 2014 та година, ќе има карти, фотографии, автентични аудио-визуелни материјали од егзодусот на Македонците и снимени приказни раскажани од бегалците.
“ Тие подготвуваат извештаи кои што вклучуваат фотографии, документи и многу други предмети за да дадат увид во животот и настаните од сите делови од“Егејскиот дел на Македонија” од 1949 досега. Оваа нова провокација која што доаѓа од Скопје ќе ги бомбардира и последните можности за наоѓање на взаемно прифатливо решение за прашањето за Македонија”, коментира весникот “Прототема”.
Интернет порталите “Њузит” и “Њузбомб” објавија слични коментари, а тоа е дека ова прашање ќе покренело многу реакции и дебати во Солун, каде што се очекувало од локалните политички чинители да коментираат како наводните континуирани провокации ја намалувале натамошната шанса за наоѓање решение на прашањето со името.