
На овие избори, граѓаните освен што ќе се изјаснат за кандидатите за градоначалници и советници, ќе го кажат и своето мислење за помрачувањето кое се случи откако СДСМ беше донесена на власт. Ова го порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на вечерашниот митинг во Ресен.
– Граѓаните ќе го поддржат ВМРО-ДПМНЕ за тоа што го направи, што го исполни она што го вети, но на изборите ќе го дадат и своето мислење за работите што се случија минативе 4 ипол месеци. Овие месеци имаме секојдневна демонстрација на едно незаконско работење, свесно незаконско работење. Незаконски назначувања, незаконски разрешувања, незаконски вработувања. Никој не ферма закон. Народот тоа не го сака, народот сака ред и поредок, правда и еднаквост за сите. Не едни да мора да работат по закон, а овие новодојдените кои ги залепија на сила да направат Влада, да работат незаконски и како што посакуваат. Погледнете што прават, министрите се ставаат истовремено и да бидат советници на министрите, за да земеле повеќе пари. Народот ќе го каже своето мислење на 15-ти октомври и за ова, дали сака ова да продолжи и во иднина. На 15-ти октомври покрај изразувањето на поддршка за новата програма, граѓаните ќе се произнесат и за секојдневната демонстрација на сила од страна на новодонесената власт. За 10 дена откако ги објавивме кандидатите за градоначалници, на десетмина им измислија кривични пријави. За неколку дена гледаме насилство, насилие, демонстрација на сила. Кандидат за градоначалник во Шуто Оризари е претепан до бесознание, со скршен череп. Друг, во западниот дел на Македонија е погоден со куршуми, имаше хирушка операција, ги спасуваат неколку луѓе. На нашиот кандидат за градоначалник на Кавадарци му вперија оружје во глава, 10 минути третман како да е најголем терорист, рече Груевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека на 15-ти октомври народот ќе го даде своето мислење и за секојдневните измами со евидентни докази.
-Направија една филмска измама демек не биле тие за странските инвестиции, ама биле многу за домашните. Ама бидејќи поминаа 3-4 месеци и нема ништо ново кај домашните инвеститори, решија да прикажат дека настанала некоја нова, домашна компанија која почнала да произведува автобуси и ќе извезува во цел свет. Се наредија да се сликаат таму, во еден автобус кој го нашле некаде, викаат дека почна производство во Санос, почна извоз, ќе им дадеме и поддршка од буџетот, субвенции, честитање, се избација. По неколку дена отидоа новинарите, проверија преку Централен регистер, преку УЈП, на лице место. Ниту има промет во фабриката, ниту влегле пари, ниту излегле, ниту вработени, ниту менаџмент, ниту автобуси. Фабриката стои старата, со скршени прозори, внатре нема работници, само пајажина. Такви филмски измами имаме се почесто и почесто. Две недели однапред беше најавен состанок со претседателот на Америка и ни беше презентирано дека го имало, но снимките од салата покажаа дека имало само една секунда поздравување, рече Груевски.
Порача дека на 15-ти октомври, народот ќе го каже своето мислење за начинот на кој новата власт ги лаже и потценува граѓаните.
-Склучија штетен договор со Република Бугарија, ние немаме ништо против Република Бугарија, напротив, сакаме да имаме пријателски односи, сакаме да бидеме сојузници, имаме и причина соседи сме. Сме имале разни моменти низ минатото, зошто да не е така.Сакаме да се склучи договор за добрососедство, се е тоа во ред. Меѓутоа, да се склучи договор без воопшто да се преговара за неколку точки кои се многу важни и чувствителни за нас, да се прифатат од прв момент само за некому друг да се допаднат, а не на граѓаните, тоа е штетен договор. Секоја чест за премиерот на Бугарија што за неговата земја успеа д да прави таков договор, но нашиот народ ќе си каже на 15 октомври што мисли за договорот со Бугарија, посочи Груевски.
Вели дека Владата се подготвува на ист начин да го надмине спорот со Грција.
-Практично само чекаат да завршат локалните избори, а не го ни кријат тоа многу, многу. И за тоа на 15 октомври народот, и овдека во Ресен, вие, ќе си го кажете мислење, нагласи Груевски.
Потенцира дека народот ќе си го каже своето мислење и заради тоа што во овој период СДСМ го обвинуваше ВМРО-ДПМНЕ дека тие се криви за споровите со соседите.
-Не биле другите виновни што барале негова промена. Ние сме биле виновни, епа вие ако се чувствувате виновни кажете си го тоа на 15 октомври и гласајте за нив, ако не се чувствувате виновни тогаш ќе гласате за ВМРО-ДПМНЕ и ќе испратите порака до СДСМ. Конечно народот ќе си го каже своето мислење за целата оваа демагогија со која се потценува неговото мислење односно неговиот интегридет, со која се потценува интелигенцијата на сиот народ во Македонија. Погледнете, водат кампања со апстрактни зборови, со демагогија, со нешто општо. Ќе донеле живот, небаре Господ се тие, ќе донеле воздух, ќе донеле енергија, ќе ја видат енергијата на овој народ и ќе го почувствуваат и воздухот кога се губи убедливо од народот, оној кој го потценуваат, рече Груевски.
Истакна дека народот ќе си го каже мислењето за сите обиди кои ги прави СДСМ за да го прикрие своето неработење и негрижа за народот.
-Кршењето на волјата на народот преку секојдневни хајки и политички прогони на опозицијата и на политичките неистомисленици, и за тоа на 15 октомври ќе си го каже своето мислење, рече Груевски.
Потенцира дека народот ќе го каже своето мислење и за притисоците кои власта секојдневно ги прави на медиумите, администрацијата, судството и судските работници.
-За 15 дена, 15 кривични пријави за судии кои треба да судат независно, да судат непристрасно, без страв, без закана, за да донесат пресуда или одлука каква што тие сакаат, нагласи Груевски.
Потенцира дека власта – странските инвестиции ги третира како непожелни, како натрапници, наместо да ги третира како компании кои ризикувале дел од своите пари за да отворат тука бизнис и да вработат луѓе.
Гледаме дека секојдневно тоне економијата. 4 ипол месеци исклучиво негативни резултати во економијата. На 15 октомври народот ќе го каже и своето мислење за помрачувањето во економијата, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
-Почнете од намалениот извоз, јули со јули минатата година извозот се намали за 12 %. Најнов податок денеска е дека извозот во август е намален за 8 ипол проценти во однос на август минатата година. Не е само извозот, намален е БДП за 2%, намалено е индустриското производство, намален е прометот во индустријата за 9,1%, просечната плата која ветуваа дека ќе биде 500 евра, е намалена за 420 денари како просечна плата, намалени се девизните резерви за 172 милиони евра, рече Груевски и додаде дека тоа се работи кои се помрачувања во економијата.
„Немаат никаков фокус на економијата, зборуваат со негатива кон инвеститорите, затоа што во оваа нова влада има газди на фабрики и нив не им одговара да дојдат нови фабрики и да им ги превземаат работниците. И за ова народот ќе се го каже мислењето на 15 октомври. Овие избори се локални, ќе се одберат градоначалници, но овие локални избори се и шанса и време на Македонија да и се случи почеток на заминување на ова помрачување“.