
Граѓаните на општина Пробиштип заслужуваат да живеат во модерна, урбанистички и инфраструктурно уредена општина, истакна кандидатот за градоначалник на општина Пробиштип од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Тони Тоневски.
Со сите проекти кои ги реализиравме во изминатите 8 години, ликот на нашата општина е целосно променет. Исполнетите ветувања за изградба на филтер станица, градски пазар, капела, изградба на улици, изградба на спортски терени, реконструкции на училишта и јавните објекти придонесоа за подобри услови и повисок стандард за живеење. Индустриските зони кои ги направивме веќе ги даваат своите резултати. Така и ќе продолжиме. Со новата Програма ветуваме уште поголеми инвестиции за квалитетна инфраструктура, нови проекти за подобро и поквалитетно образование, нови проекти за поголема детска и социјална заштита, проекти за чиста и здрава животна средина, вели Тоневски.
Тој вели дека ќе се изгради пречистителна станица за отпадни води. Со изградбата ќе се реши долгогодишниот проблем на жителите на Пробиштип и Ратавица, а нејзината изградба ќе доведе и до унапредување на животната средина.
-Ќе извршиме рехабилитација на постоечкиот систем за водоснабдување, автоматизација на пумпите во Ратавица и изградба на систем за снабдување со техничка вода. Пробиштип има потенцијал за користење на обновливите извори на енергија. Токму затоа ќе формираме Јавно претпријатие за производство на електрична енергија кое ќе изврши поставување на сончеви панели на повеќе локации, како и поставување на турбини во примарната водоводната мрежа за производство на електрична енергија. Ќе ја доизградиме инфраструктурата во двете индустриски зони. Преку отворање на Бизнис инкубатор ќе обезбедиме канцелариски простор и поддршка на младите претприемачи за отпочнување на сопствен бизнис. Ќе продолжиме со доасфалтирање на улиците кои останаа неасфалтирани во градот Пробиштип, а ќе ги асфалтираме и улиците во Злетово, Древено, Турско Рудари, Трипатанци, Лезово. Во изминатиот период многу вложувавме во уличното осветлување и во квантитет но и во квалитет на уличните светилки. Во наредните 4 години ќе ги замениме постојните живини со ЕЕ ЛЕД светилки. Пробиштип има една од најстарите и најубави кино сали. Објектот во изминатиот период доби нова фасада и кров, а во периодот што следи ќе се изврши целосно преуредување на внатрешноста на кино салата, потенцираше Тоневски.
Тој додава и дека општина Пробиштип располага со голем, но неискористен потенцијал и природни убавини за развој на туризмот, а со тоа и развој на локалната економија. Со инвестиции во развојот на Пониква и Лесново, но и со урбанизацијата на Пишичката брана, општина Пробиштип ќе се најде на многу туристички мапи.
-Продолжуваме со изградба на нови спортски терени и реконструкција на постоечките терени во градот, но и во населените места како што се Злетово, Пишица, Добрево, а ќе продолжи и континуираната поддршка на спортските друштва. Целиот овој развој не може да се случи без генерален урбанистички план, кој во периодот што следи ќе биде дополнет и проширен. Општина Пробиштип после еден подолг период на стагнација, започна да бележи економски раст, станавме општина во која започнаа да се отвораат нови работни места. Станавме општина која е препознатлива по големиот број на реализирани проекти, проекти од значење за сите граѓани. Граѓаните многу добро знаат колку и кога е изградено. Сигурен сум дека граѓаните повторно ќе изберат проекти за развој и просперитет на општина Пробиштип! Сите заедно ќе продолжиме да работиме за Пробиштип каков што го сакаме и заслужуваме, додава Тоневски.