Изградбата на Ветерниот парк кај Богданци, маркетинг агенцијата „Република“ ќе ја овековечи во документарен филм, за што се издвоени 65.000 евра од буџетот на ЕЛЕМ, пишува порталот „Фактор“.
Снимањето почнало уште кога ветерните столбови и турбини влегле од Грција во Македонија, а филмот ќе биде изработен на Македонски, Албански и на Англиски јазик.
Продукцијата е во тек, а постпродукцијата и монтажата на документарецот ќе се одвива по целосното завршување на активностите во ветерниот парк.
Бидејќи се работи за објект од стратешко енергетско значење и проект од јавен интерес, документарецот ќе биде прикажан на сите електронски медиуми кои ќе пројават интерес за негово емитување.
Ветерниот парк кај Богданци се очекува годишно да произведува од 100 гигават/часови електрична енергија.
За проектот чијашто проценета вредност е 55,5 милиони евра, заемот КФВ Банка е во износ од речиси 48 милиони евра, додека 7,6 милиони евра треба да ги обезбеди ЕЛЕМ од сопствени средства.