Коркер: САД со Трамп ризикуваат Трета светска војна

Со заканите за некои земји, американскиот претседател Доналд Трамп ризикува да ги доведе САД „на патот на Третата светска војна“, оценува влијателниот републикански сенатор Боб Коркер, пренесува весникот The New York Times.

„Ме загрижува и би морало да ги загрижува сите оние коишто ја сакаат нашата земја“, додава сенаторот Боб Коркер, поранешен приврзаник на претседателот Доналд Трамп во разговорот кој весникот го објави во неделата.

Пред овој жесток напад, влијателниот 65-годишен сенатор оцени дека е „штета што Белата куќа стана детска градинка за возрасни“, откако беше цел на вообичаените утрински твитови на Трамп.

Трамп на Twitter напиша „сенаторот Боб Коркер ме преколнуваше да го поддржам за реизборот во Тенеси. Реков ’не’ и се откажа велејќи дека не може да победи без мојата поддршка“. „Исто така, сакаше да биде државен секретар, реков ’не, благодарам’,“, продолжи републиканскиот претседател додавајќи дека сенаторот Коркер е „во голема мера одговорен за лошиот договор со Иран“ за нуклеарната програма на Техеран.

„Како последица, очекувам дека Коркер ќе биде негативниот глас и ќе се спротистави на нашата програма. Немаше храброст да се кандидира“, заклучи Трамп без да наведе дополнителни поединости.

Се претпоставува дека алудира на изјавите од средата на сенаторот кој рече дека САД уште не се во хаос, само благодарејќи на државниот секретар Рекс Тилерсон, министерот за одбрана Џим Матис и главниот секретар на Белата куќа, Џон Кели.

Коркер влезе во американскиот Сенат од јануари 2007 година. На 26-ти септември годинава најави дека нема да се кандидира за третиот мандат на селдните сенатски избори кои ќе се одржат во ноември 2018 година.