Најмалку 189 лица загинале а повеќе од 200 се повредени во најголемиот самоубиствен бомбашки напад изведен со камион бомба во центарот на сомалиската престолнина Могадишу, соопштија полициски и болнички извори во обновените податоци од неделата, пренесува телевизијата i24 News.
Претходно беше објавено за 90 загинати и над 250 ранети.
„Тоа беше камион-бомба. Експлодира на крстосницата К5“, изјави полицискиот началник Мухамед Хусеин, кој потврдил дека голем број од повредените им подлегнале на повредите во болниците.
Лекарите прават напори да им помогнат на стотици повредени, од кои многумина се наоѓаат во критична состојба.
Според очевидци, поголемиот број од жртвите се цивили. При експлозијата биле уништени десетици автобуси на јавниот превоз и околу сто автомобили. Причинета била огромна штета и на околните згради.
Градоначалникот на Могадишу, Саабид Абди, кој го посети местото на нападот, побарал да бидат ангажирани повеќе булдожери кои ќе ги вадат жртвите под урнатините.
Претседателеот на Сомалија, Мохамед Абдула Мухамед им се придружи на илјадниците луѓе кои во болниците даруваат рв за да им се помогне на повредените.
Сомалискиот министер за информации, Абдирахман Јарисоув го осуди „ужасниот напад на терористите“, обвинувајќи ја за тоа екстремистичката исламистичка група Ал Шабаб.
Сѐ уште никој нема преземено одговорност за нападот, но групата Ал Шабаб поврзана со меѓународната терористичка мрежа Ал Каеда, често извршува бомбашки напади во Сомалија.