Австрија свртува в десно, се очекува коалиција на конзервативците и десницата

Листата на кандидатот за австриски канцелар Себастијан Курц и неговата Народна партија на Австрија (ÖVP) победи на парламентарните избори во Австрија, покажаа прелиминарните резултати кои беа соопштени во неделата ноќта, но иако во меѓувреме радикалната десна Слободарска партија на Австрија (FPÖ) падна на третото место во однос на претходниот резултат, се смета дека со Австрија следниот мандат ќе владее коалицијата на конзервативците и десницата предводена од Курц.

„Ова е вистинската можност за промени во нашата земја. Овие избори нѐ обврзуваат на промени и јас со голема понизност ја прифаќам оваа задача. Можам денеска да ви ветам дека со сите сили ќе се борам за промени во оваа земја“, изјави 31-годишниот досегашен шеф на австриската дипломатија и иден канцелар по објавувањето на процените од повеќето пристигнати резултати.

Според процените од последните податоци од неделата вечерта до 22 часот, ÖVP освоила 31,7 отсто од гласовите што е речиси 8 проценти повеќе од претходните парламентарни избори во 2013 година. Следува досегашната коалициска владејачка партија Социјалдемократската партија на Австрија (SPÖ) со 26,8 отсто. Слободарската партија на Австрија (FPÖ), според овие процени освојува 26 отсто од гласовите што е 6 проценти повеќе од последните избори.

Партијата Зелени, којашто од последните избори доживеа разидување, според сѐ судејќи нема да влезе во Националниот совет, односно парламентот на Австрија. Земените од рекордниот резултат од 12,4 отсто пред четири години, паднаа под изборниот праг од 4 отсто. Влегувањето во парламентот со 5,1 отсто ѝ појде од рака на либералната партија Neos, и Листата на Петер Пилц, поранешниот член на Зелените, која освои 4,3 отсто.

„Сега ни паѓа нам да ја браниме отворена, модерна, демократска и Австрија на различностите“, изјави досегашниот канцелар, социјалдемократот Кристијан Керн во првите реакции откако неговата SPÖ загуби од конзервативците на изборите на кои силен полет доби австриската крајна десница.

„Изборите покажале дека стигнавме во центарот на општеството. Ние сме оние кои доминираа во политичката дебата“, изјави во првичните коментари челникот на „слободњаците“, Хајнц-Кристијан Штрахе по добриот резултат кој го постигна неговата партија на изборите.

Ако се суди по предизборната реторика, се очекува заострена политика на новата владејачка коалиција во однос на бегалците и имигрантите.

Иако Курц изјави дека со цел да ја формира коалицијата ќе разговара со сите партии, коментаторите проценуваат дека поради совпаѓањата особено во доменот на бегалската политика и политиката на доселувањето во земјата ÖVP и FPÖ брзо ќе пронајдат заеднички јазик. Досегашната коалиција меѓу социјалдемократите и „народњаците“ е малку веројатно, бидејќи оваа коалиција во мај годинава се распадна по повеќегодишните обвинувања околу спроведувањето на коалицискиот договор.

Ситуацијата меѓу двете најголеми австриски политички партии дополнително се влоши во текот на предизборната кампања, кога беше откриено дека социјалдемократите од SPÖ преку посредничка компанија финансирале неколку страници на Facebook коишто ширеле црна кампања и лажни вести на адреса на Себастијан Курц.

Се очекува дека кознервативно-десничарската влада предводена од Себастијан Курц е зазема многу поостар став околу бегалските политики и со тоа ќе стане противтежа на германската канцеларка Ангела Меркел, којашто е заговорник на полиберална бегалска политика.

Курц во текот на бегалската кампања застапуваше поостра политика против илегалното доселување и се залагаше за засилена борба против злоупотребата на австрискиот социјален систем на кој прибегнувале доселениците. Со тоа Курц всушност ѝ ги одзема на крајната десница нејзините традиционални теми, што во FPÖ повеќепати го истакнаа во текот на предизборната кампања.

Се очекува дека ваквата австриска влада ќе заземе многу поостри насоки во европските дебати за распределба на бегалците според ткн бегалски квоти и ќе им се приклони на земјите од Вишеградската група коишто ја застапуваат политиката на јакнење на националните интереси во рамките на Европската унија. Челникот на „слободарите“, кој во новата млада би можел да ја извршува должноста министер за надворешни работи, повеќепати изјави дека ќе се залага Австрија да се приклучи на четирите земји од источна Европа 0 Полска, Словачка, Чешка и Унгарија.

Германската Христијанско-социјална унија (CSU), којашто доминантно со децении ја застапување демохристијанската опција во сојузната покраина Баварија која мнозински е католичка за разлока од остатокот на Германија, и којашто граничи со Австрија, каде што исто така мнозинство се католиците, изрази задоволство од победата на Себастијан Курц.

„Курц како нов канцелар ќе биде близок партнер на Баварија и тоа во прв ред во големата задача за ограничување на доселувањето во Европа“, изјави генералниот секретар на CSU, Андреас Шпеуер за германската новинска агенција DPA.

Портпаролот на германската канцеларка и челник на победничката Христијанско-демократска унија (CDU) на парламентарните избори во септември, изјави дека му честитала на на Курц на победата.

Парламентарните избори во Австрија требаше да се одржат дури следната 2018 година, но предвремените избори беа распишани откако Себастијан Курц во мај годината ја растури досегашната коалиција со социјалдемократите. Националниот совет во Австрија се бира со мандат од пет години.